Бизнис
26. July 2020 - 16:37

Граѓаните и фирмите чекаат нова Влада за нови економски мерки, на старите им изминува рокот

Граѓаните и фирмите во вакум. Дел од постоечките мерки кои требаше да ги ублажат последиците од кризата истекуваат. Нови нема да има додека не се формира новата Влада, а економската криза се уште не го достигнала пикот.

Извршителите неделава почаа со работа после четири месеци. Проценките се дека десетици илјади граѓани ќе завршат со блокирани сметки во услови кога се губат работните места и се намалуваат платите.

Во текот на вонредната состојба Регулаторна побара од компаниите да не ги исклучуваат граѓаните за неплатени сметки. Во моментов финансиската состојба на овие компании е влошена, но ќе се следи и состојбата на домаќинствата.

Фирмите имаат проблем со ликвидноста, а мерката за поддршка на работните места со 14.500 денари по работник важи уште за овој месец. Стојат пред одлуката дали да отпуштаат или да најдат начин како да преживеат. Работодавачите апелираат да се изнајдат форми за да се издржи до формирањето на новата Влада која ќе треба итно да носи нов пакет мерки.

Засега се безбедни само кредитите. Мерката за одложување на плаќањето рати истекува на крајот на септември. Новата Влада ќе има време да ја оцени состојбата и да реагира. Во Србија веќе се водат преговори за пролонирање на мерката за уште два месеци. Црна Гора неделава го усвои новиот пакет мерки вреден над милијарда евра. Словенија исто така ги обновува мерките за да се преброди кризата.