Македонија
12. October 2016 - 15:55

Градскиот пазар во Прилеп ќе биде целосно покриен

Се подготвува третата фаза за допокривање на Градскиот пазар во центарот на Прилеп, најавија денеска прилепскиот градоначалник Марјан Ристески и Владимир Величковски од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.
 
Според градоначалникот Ристески, допокривањето на прилепскиот градски пазар е дел од проектот „Подобрување на економските услуги од регионално значење – модернизација на регионален пазар“ кој се спроведува преку Центар за развој на Пелагониски плански регион, јавното комунално претпријатие „Пазари“ и општина Прилеп.
 
- Наскоро ќе започне третата фаза од допокривањето на пазарот во Прилеп. Вкупната вредност на проектот е 4. 334. 721 денар, кој финансиски е поддржан од програмата за рамномерен регионален развој во 2016 година на Министерството за локална самоуправа на преку Бирото за регионален развој. Со реализацијата на проектот ќе се модернизира пазарот, ќе се создадат инфраструктурни предуслови за зголемување на економската активност и за зголемување на севкупната конкурентност на овој дел од регионот. Со проектот ќе се создадат подобри услови за околу 400 продавачи од Прилеп, Кривогаштани, Долнени, Кавадарци, Неготино, Македонски Брод кои користат тезги на пазарот, а ќе се подобрат условите и за граѓаните кои купуваат на овој пазар кој има големо значење и е еден од најпознатите и најфрекфентни пазари во регионот, рече Ристески.
 
Владимир Величковски од Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион објасни дека со проектот пазарот ќе се покрие со нова покривна конструкција за површина од 831 метар квадратен.
 
- Со проектот пазарот ќе има нов под и ќе се постават бекатон плочки на површина од 977 метри квасратни, од кои на 648 метри квадратни  ќе бидат нови, а на останатите 329 метри квадратни  ќе се постават старите плочки. Со реализацијата на проектот ќе се подобрат економските услуги од регионално значење, ќе се овозможи зголемен проток на стоки и услуги кои во најголем дел се произведуваат во Пелагонискиот регион, а ги купуваат најмалку 350.000 жители на овој регион, но и на соседните региони, рече Величковски.