Македонија
1. September 2016 - 13:24

Градоначалникот Трајановски го посети средното училиште „Георги Димитров“

Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски денеска го посети средното училиште „Георги Димитров“ и на средношколците им посака успеси во совладувањето на знаењата во новата учебна 2016/2017 година.

- На почетокот на новата учебна година сакам да им пожелам среќен почеток на средношколските денови на учениците кои се запишани во прва година, а на другите ученици да им порачам вредно да учат и да работат за полесно да ги совладуваат новите знаења и вештини, истакна Трајановски.

Во учебната 2016/2017 година во СУГС „Георги Димитров“, како што рече, во прва година се запишани вкупно 310 ученици во 11 паралелки, од кои во гимназиско образование се запишани 238 ученици во седум паралелки, а во стручно образование 72 ученика во четири паралелки. Наставата ја следат вкупно 1.263 ученици во сите четири години.

- Во сите 23 средни училишта на Град Скопје во учебната 2016/2017 година, пак, во прва година се запишани вкупно 4.518 ученици. Градот Скопје во изминативе седум години напорно работи и вложува за да се подобрат условите за работа и настава во средните училишта што се под надлежност на Град Скопје. И во текот на овој летен распуст екипи на Градот Скопје изведуваа градежни работи во 16 средни училишта. Во некои училишта се реконструираше фасадата, во некои санитариите и подовите, а во некои училишта се реновираше фискултурната сала. Град Скопје за реализација на овој проект од буџетот издвои 22.326.063 денари, нагласи Трајановски.

Во текот на ова лето во СУГС „Георги Димитров“ се реконструираше фасадата на објектот, односно се изврши завршна обработка на фасадните ѕидови со термоизолациона фасада со стиропор со дебелина од 10 сантиметри, врз кој се нанесе малтер на минерална основа и фасаден декоративен малтер. Вкупната површина на фасадата на училиштето е 2.032 квадратни метри.

- Во средното училиште „Георги Димитров“ досега е извршена целосна реконструкција на вратите и прозорците, на покривот и на фасадата, со што стана единственото целосно енергетски ефикасно средно училиште во Скопје и заштедата на енергија е намалена за над 40 отсто. За реконструкцијата на училишните згради и за фискултурните сали од 2010 година до 2015 година Градот Скопје потроши околу 227 милиони денари, истакна Трајановски.

Во текот на летниот распуст, како што информираат од Град Скопје, се изведуваа градежни работи:

- Во СУГС „Цветан Димов“ се реконструираа санитарните јазли и се санираа дефекти на фекалната канализација, 

- Во СУГС „Никола Карев“ се изврши реконструкција на фискултурната сала,

- Во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ се реконструираше подот во фискултурната сала,

- Во СУГС „Јосип Броз-Тито“ се реконструираше внатрешната столарија,

- Во СУГС „Орце Николов“ се изврши реконструкција на санитарните јазли,

-Во СУГС„ Васил Антевски Дрен“ се реконструираа прозорците, 

-Во СУГС „Марија Кири Склодовска“ се изврши реконструкција на подот во училниците, 

- Во СУГС „Димитар Влахов“ се изврши реконструкција на спортски терен, 

- Во СУГС „Браќа Миладиновци“ се реконструираше дворната површина во училиштето,

- Во СУГС „Здравко Цветковски“ се реконструираа подовите во училиштето, 

-Во СУГС „Арсени Јовков“ се изврши реконструкција на подовите во училниците,

- Во СУГС „Лазар Танев“ се реконструираа подовите во училиштето,

- Во СУГС „8 Септември“ се изврши реконструкција на подовите во училниците,  

- Во СУГС „ Зеф Љуш Марку“ се изврши санација на покривот,

- Во СУГС „Цветан Димов“ се реконструираа санитарните јазли,

- Во СУГС „Боро Петрушевски“ се замени стариот покрив со ребраст лим на помошен објект-работилница,

- Во СУГС „Владо Тасевски“ се реконструираа санитарните јазли и во СУГС „Михајло Пупин“ се санираа санитарните јазли.

- Градежните зафати за реконструкција на објектите и на спортските сали на средните училишта во Скопје придонесуваат за исполнување на стандардите за енергетска ефикасност и ги подобруваат функционалноста и изгледот на училишните објекти, се вели во соопштението од Градот Скопје.