Македонија
28. March 2018 - 14:22

Гостивар: Доцнат февруарските плати за вработените во основните училишта

Вработените во основните училишта во општина Гостивар не ги добиле платите за февруари и изразуваат незадоволство, бидејќи како што велат од регионалниот синдикат за образование, тековниот месец е при крај, плати нема за претходниот. Од општината доцнењето го правдаат со задолжителните административни процедури откако е усвоен буџетот за 2018 година. Според најавите, заостанатите плати би требало да легнат на сметките на над илјада наставници и друг персонал до крајот на неделата.

Од локалната самоуправа појаснуваат дека иако ги завршиле нивните обврски, доцнењето се должи на административните процедури. Од службата за информирање напоменуваат дека по усвојување на буџетот од страна на Советот на општината со измени во одредени ставки, Секторот за финансии при општина Гостивар, ги вклопи измените во буџетот и ги достави до претседателот на советот за потпишување.

- Изменетиот и дополнетиот буџет е доставен и до Министерството за финансии за вчитување, а позитивен одговор добивме вчера. Тоа значи дека од вчера општина Гостивар работи со редовен буџет. Што се однесува до платите на просветните работници, плановите за плата веќе се пуштени во Министерството за финансии за вчитување и чека на одговор од Министерството, по што платите ќе бидат префрлени на сметките на вработените, велат од службата за информриање на општина Гостивар.

Од Регионалниот синдикат за образование за МИА нагласија дека период наназад ја следат состојбата и според нивни сознанија, до крајот на неделата платите треба да се исплатат. Исплатите на вработените во средните училишта биле без доцнење бидејќи во нивните програми немало измени како во случајот со основните училишта, каде има нови вработувања. Доколку најавите за исплата до петок не ги добијат платите, синдикалното раководство ќе се координира со членовите и ќе преземат соодветни мерки, велат од регионалниот синдикат на СОНК.

Исплатите на плати во општина Гостивар се проблематизираа и претходно. Во октомври имаше застој во исплатите на над илјада и шестотини вработени заради одлука која предвидуваше ребаланс на ланскиот буџет. Доцнењето на исплатите, пак, беше толкувано како последица на политички препукувања меѓу партиите од мнозинството во Советот и локалната власт со која раководи Алијансата за Албанците. Доцнеше и исплатата на декемвриската плата која пак дојде како последица од воведување на мерката „времено финансирање" на општината.

Покрај четирите општински средни, на територијата на општина Гостивар има и 11 централни и дваесетина подрачни основни училишта.