Македонија
18. November 2018 - 20:32

Годинава три пати вовеќе обиди за илегален влез во Македонија

Обидите на мигрантите за илегално преминување на границата не запираат. Нивниот број годинава е скоро за три пати поголем во однос на лани. Од почетокот на оваа година па заклучно со септември безбедносните сили кои ја контролираат границата со јужниот сосед спречиле 13.143 лица кои се обиделе нелегално да ја преминат македонско грчката граница што е  скоро за за три пати повеќе во однос на лани кога во текот на целата година биле регистрирани 4129 такви обиди.

Двојно поголем е и бројот на откриените случаи во кои се криумчарат мигранти. Лани за цела година биле откриени 19, додека во текот на девет месеци од оваа 2018 година полицијата открила 44 случаи во кои предмет на криумчарење биле мигранти.

Поврзано со ова годинава  против 35 лица  се преземени мерки на кривичен прогон кои се товарат дека сториле триесетина  дела криумчарење мигранти.

Статистиката на МВР покажува драстично зголемување и на бројот на криумчарените мигранти. За разлика од минатата година кога за 12 месеци нивниот број бил 212, годинава за десет месеци тој изнесува 861 или за 4 пати повеќе во однос на лани. Само во месец октомври годинава биле откриени 98 мигранти, што е скоро половина за разлика од целата ланска година.

Зголемениот обем и транзитирањето на мигрантите беше едена од причините за продолжување на кризната состојба на подрачјата на јужната и северната граница. Одлуката за кризна состојба на овие две граници за прв пат беше донесена во 2015 година во екот на мигрантската криза по што истата беше продолжувана уште пет пати. Важноста на последната одлука е до 30 јуни следната година.