Балкан
14. October 2016 - 10:24

Ѓукановиќ: Москва сака да го загрози патот на Црна Гора кон НАТО

Русија ја финансира предизборната кампања на некои субјекти во Црна Гора со цел да го загрози членството на земјата во НАТО, изјави црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ, во интервју објавено на три дена пред одржувањето на парламентарните избори. 

Ѓукановиќ, кој веќе 25 години ги извршува функциите претседател или премиер на оваа балканска држава, според аналитичарите, на неделните избори се соочува со најголемиот изборен предизвик досега. 

Црногорскиот премиер во интервјуто истакнува дека опозициските партии се потплатени од Москва, која парламентарните избори ги гледа како последна шанса да ја спречи интеграцијата на балканскиот регион во ЕУ и НАТО. 

- Русија ангажираше сериозни финансиски средства кои, претпоставувам, се овозможени преку нејзините олигарси и канализирани преку тајни патишта низ Србија и Република Српска, изјави Ѓукановиќ, додавајќи дека „традиционалната просрпска опозиција со ова станала заговорник на руските интереси на Балканот“. 

Русија и црногорските опозициски партии ги негираа наводите дека Москва интервенирала во предизборната кампања, иако рускиот министер на надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека планираното пристапување на Црна Гора во НАТО е „неодговорно“. 

Танјуг наведува дека, најголемите конкуренти на Ѓукановиќ на изборите се два опозициони сојузи, од кои едниот е просрпски а вториот прозападен. 

Најсилен адут на опозицијата против Ѓукановиќ, претставувааат обвиненијата дека премиерот се служи со тактичко заплашување, непотизам, дека Црна Гора ја третира како лична сопственост, како и дека интересите на Русија во Црна Гора се зголемни за време на неговата власт. 

Ѓукановиќ се огради од „силните економски и традиционални врски на Русија и оваа јадранска држава со 650.000 жители, од кои мнозинство се православни. 

- Црна Гора сега мора да гледа кон Запад, нагласи црногорскит премиер. 

Сепак, според него, прашањето за членството на Црна Гора во НАТО е чувствително, бидејќи Алијансата во 1999 година ја бомбардираше Црна Гора, која тогаш беше во составот на државната заедница Србија и Црна Гора. 

Без оглед на тоа, процесот за пристапување е при крај бидејќи десет држави веќе го ратификуваа овој договор.