Тенис
22. February 2016 - 12:04

Ѓорческа со најдобар пласман и победа на стартот на фјучрсот во Беинаско

 
Македонската тенисерка Лина Ѓорческа на денешната најнова промена на ВТА листата го има најдобриот пласман во кариерата. Таа се наоѓа на 323.место со 123 поени и има скок од пет места на листата. Досега најдобриот пласман Ѓорческа го имаше на 326.место остварен лани на 14.септември.
 
Ѓорческа денеска во рамките на 1.коло на фјучрсот во Беинаско (Италија) ја победи домашната тенисерка Џулија Паироне со 6:4 и 6:2 во сетови за 77 минути. Турнирот се игра за награден фонд од 25.000 долари. Во следното коло таа ќе игра со Јелена Симиќ (БиХ) или осмата носителка Дениз Казаниук (Израел). Во конкуренција на двојки Ѓорческа ќе настапи заедно со Деа Херџелас (БиХ). Во првото коло ривалки им се Алина Силич и Марија Марфутина (двете од Русија).
 
Во конкуренција на двојки Ѓорческа се наоѓа на 278.место, а претходно беше на 277.место.
 
Од македонските тенисерки пласман на ВТА има и Магдалена Стоилковска, која во синг се наоѓа на 1.292.место (скок три места), а во двојки е на 1.118 место (претходно беше пласирана на 1.155 место).