Македонија
6. November 2015 - 11:41

Гинеколошката ординација во Шуто Оризари ќе работи три пати неделно

Почнувајќи од денеска гинеколошката ординација во општина Шуто Оризари ќе работи три пати неделно, односно секој понеделник, среда и петок, во периодот од 08:30 до 14:30 часот, соопшти Министерството за здравство.

Во овие термини во ординацијата ќе работи медицински тим од доктор и медицинска сестра. Кадарот е ангажиран од Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ - Чаир, каде веќе е изготвен распоред за обезбедување здравствена заштита во гинеколошката ординација во Шуто Оризари.

Станува збор за времено решение за обезбедување гинеколошка здравствена заштита до завршување на огласот и почнување со работа на матичен гинеколог. Инаку, огласот за изразување интерес за матичен гинеколог во општина Шуто Оризари (како и во општина Ново Село) е објавен на 4 ноември, а рокот за пријавување е заклучно со 18 ноември. За избраните матични гинеколози во овие две општини предвидена е дополнителна финансиска стимулација од 15.000 денари месечно за период од две години, обезбедена од страна на Министерството за здравство од превентивните програми.

Од Министерството потсетуваат дека огласот е се уште во тек и заинтересираните кандидати можат да достават писмо за интерес (со наведен телефон за контакт и адреса на подносителот) во архивата на Министерството за здравство, или по пошта на адресата: ул. „50 Дивизија“ бр.14, 1000 Скопје, со назнака: „Оглас за изразување интерес за ангажирање матичен гинеколог во општина Шуто Оризари/Ново Село“.

Овие предлог-мерки за обезбедување континуирана гинеколошка здравствена заштита произлегоа како резултат на заедничката средба на министерот за здравство Никола Тодоров, со претставниците на Иницијативата на жени од општината Шуто Оризари, стои во соопштението.