Бизнис
23. October 2019 - 12:07

Герешајмер ќе отвори нова фабрика во Бунарџик

Германската компанија „Герешајмер" во Технолошко индустриската развојна зона Бунарџик ќе ги постави темелите на новата фабрика за медицинска пластика.
 
Ова е прва фабрика на германската компанија во Југоисточна Европа, а земјава беше избрана како поволна бизнис дестинација во конкуренција со Србија и Романија.
 
На свеченоста ќе се обрати премиерот Зоран Заев, вицепремиерот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, министерот на економија Крешник Бектеши и директорот на ТИРЗ, Александар Младеновски.
 
Инвестицијата ќе се реализира во повеќе фази, а во план е да бидат отворени 400 нови работни места. Ова е втора инвестиција по потпишувањето на Протоколот за членство на земјава во НАТО.
 
Договорот беше потпишан во март годинава, а новата инвестиција тогаш ја најавија премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
 
„Договорена е огромна инвестиција, втора по потпишување на протоколот за членство во НАТО, што значи дека инвеститорите ја препознаваат земјата како стабилна и сигурна дестинација“, изјави тогаш премиерот Заев.
 
Со производството, според првичните најави, фабриката ќе почне кон средината на следната година.
 
„Ќе градиме нова фабрика во Скопје како дел од нашата стратегија за проширување во Европа. Планираме значителни инвестиции во технологија и во машините. Во план е да имаме 400 вработени. А ја цениме и можноста за натамошен развој во иднина. Планираме изработка на производи во фармацевстката и медицинската индустрија. Ја избравме Северна Македонија како идеална локација за проширување на нашето производство. Земјата нуди добра инфраструктура, ниски трошоци и обучен персонал, како и одлична поддршка од властите“, порача Дитмар Сиемсен, извршен директор на „Герешајмер“ во видео пораката објавена кога беше потпишан договорот.
 
„Герешајмер“ има 50 фабрики во 13 држави, а вкупниот промет на компанијата е 1,3 милијарди евра.