Македонија
19. February 2022 - 9:32

Герасимовски: Почнуваме акција за реконструкција на детските игралишта во Центар

Општина Центар почна акција за реконструкција на детските игралишта на нејзина територија. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски заедно со општинските служби вчера направија кратка обиколка и извршија увид во состојбата на постојните игралишта.

Како што соопшти Општина Центар, активностите за реконструкција ќе ги опфатат детските игралишта кај поранешна „Агромеханика“, Градски ѕид Блок 9, игралиштето кај „Трготекстил“, ООУ „Гоце Делчев“ и сите останати кај кои ќе се утврдат поголеми оштетувања. ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ ќе добие ново детско игралиште, а на барање на граѓаните, се разгледува можноста за отворање на уште еден влез, кој ќе води до мини-парк во училишниот двор.

-Излезени сме на терен со цел да се увериме во состојбата со детските игралишта. Од она што досега го видовме, одредени игралишта навистина се во лоша состојба и имаат потреба од реконструкција. Општината веќе има обезбедено средства за оваа намена и во најбрз можен рок ќе ги замениме оштетените реквизити со нови и поквалитетни, изјави градоначалникот Герасимовски.

Општина Центар апелира до сите жители одговорно да се однесуваат кон детските игралишта, да ги користат совесно и да не ги уништуваат реквизитите.