Свет
27. July 2017 - 21:52

Француските пратеници добија забрана за непотизам при избор на свои соработници

Француското Национално собрание им забрани на пратениците да ангажираат блиски роднини како свои помошници, пракса која ја одбележа последната претседателска кампања во земјата со аферата „Пенелоп Фијон“.

Сопругата и децата на претседателскиот кандидат од десницата Франсоа Фијон се обвинети дека биле именувани на фиктивни позиции како парламентарни соработници. Скандалот предизвика голем неуспех за кампањата на Фијон. Тој беше елиминиран уште во првиот круг од претседателските избори и против него е покренато обвинение за присвојување на јавни средства.

Забраната за непозитам, која денеска беше усвоена од пратениците, беше едно од предизборните ветувања на актуелниот шеф на државата Емануел Макрон. Доколку пратеник ангажира за свој соработник брачен или љубовен партнер, родител, сопствено дете или дете на неговата сопруга или сопруг, тогаш ќе се соочи со три годишна затворска казна и парична казна од 45.000 евра. Доколку пратеник ангажира на работа свој подалечен роднина или близок на свој колега или министер, тогаш е должен тоа да го објави официјално.