Македонија
3. October 2019 - 18:54

Фон дер Лејн, Туск и Сасоли бараат старт на преговори со Северна Македонија и Албанија

 Во писмо испратено попладнево до земјите членки на ЕУ, сегашниот претседател на Европскиот Совет, Доналд Туск, новоименуваната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, и претседателот на Европскиот Парламент, Давид Сасоли, бараат отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија.

Тие потсетуваат дека земјите членки се заложија во јуни да се навратат на прашањето и да донесат суштинска одлука во октомври по ова прашање.

-Европската Унија стои пред стратешки избор. Одлуката за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија е тест за способноста на Унијата да ги испорача своите ветувања и да гледа кон иднината, пишуваат тројцата европски челници.

Писмото до земјите членки се осврнува на улогата која ЕУ треба да ја одигра на глобалната сцена како и во заштитата на сопствените интереси. Во тој контекст, пишуваат тие, треба ЕУ да преземе чекор кон оние земји кои се заинтересирани за членство во ЕУ и кои ги исполниле критериумите за отпочнување на преговарачкиот процес.

-Северна Македонија и Албанија го направија тоа што го побаравме од нив. Исполнувањето бараше значаен напор од нивните граѓани за кои европската перспектива е голем извор на мотивација и одлучност, пишуваат Туск, фон дер Лејн и Сасоли.

Тие признаваат дека нема гаранција за успех во преговарачкиот процес и дека голем реформски напор ќе биде потребен за овие земји да станат полноправни членки. Паралелно, се истакнува во писмото, внатрешната реформа на ЕУ ќе треба да се продлабочува.

-Веруваме дека сега е време да се отворат пристапните преговори со двете земји, стои во писмото.

Одлуката за почеток на преговори за Албанија и Северна Македонија ЕУ треба да ја донесе на 15 октомври.