Бизнис
20. October 2019 - 8:50

ФОД: Депозитите сигурни, граѓаните имаат доверба и не се очекува повлекување на парите

Граѓаните во банките чуваат 4,5 милијарди евра. Депозитите се безбедни и сигурни, порачуваат од Фондот за осигурување депозити и оценуваат дека граѓаните имаат доверба и ги чуваат парите во банките и покрај намалување на каматните стапки. Доколку почне оданочување на каматите на депозитите, од Фондот не сметаат дека тоа би влијаело на повлекување на парите од банките.

– Граѓаните имаат доверба во нашата институција, бидејќи од нејзиното формирање во 1997 година до денес секогаш навремено и во согласност со законските прописи биле обесштетени во случај на настанување ризичен настан, т. е. затворање на банка или штедилница. Довербата што граѓаните ја имаат во Фондот може да се види и преку постојаниот раст на депозитите на населението. Имено, граѓаните и покрај намалувањето на каматните стапки на штедењето се одлучуваат своите пари да ги чуваат во банките или штедилниците, каде што се безбедни и сигурни бидејќи се осигуруваат преку ФОД. Оттука, сметаме дека предложеното оданочување на каматите на депозитите нема воопшто да влијае врз повлекување на депозитите од банките, бидејќи тоа би значело и губење на нивната сигурност и приход врз основа на камата, истакнуваат за МИА од Фондот за осигурување на депозитите.

Оценуваат дека банкарскиот систем во земјава е стабилен, а депозитите на граѓаните редовно и без никакви проблеми се осигуруваат во Фондот за осигурување на депозитите во согласност со месечните пресметки на премиите за осигурување.

– Фондот за осигурување на депозитите постои заради осигурување на депозитите во денари и девизни средства, вклучувајќи ја и каматата на физичките лица кои се чуваат во банките, филијалите на странски банки и штедилниците во Република Северна Македонија. Во согласност со Законот за ФОД, секој депонент има право на обесштетување на износ до 30.000 евра во денарска противвредност по банка, филијала на странска банка или штедилница, објаснуваат од Фондот.

Според нивните податоци, депозитите на населението во септември годинава изнесуваат 273,9 милијарди денари или 4,5 милијарди евра и бележат раст од 8,8 отсто во однос на септември минатата година.

Повеќе од половина или 51,8 отсто се во денари, 48,2 отсто се девизни депозити. По видување се 51,1 отсто, а орочени депозити се 58,9 отсто.

Оданочувањето на каматите треба да почне од јануари следната година. Законското решение предвидува да се оданочуваат со 15 отсто доколку сумата надмине 15 илјади денари.  Банкарите бараат тоа да се одложи и да се применува кога ќе влеземе во ЕУ, бидејќи сметаат оти може да се случи граѓаните да почнат да ги повлекуваат парите од банките, додека најавите од министерката за финансии Нина Ангеловска беа дека се разгледува можноста и оти има волја.