Македонија
12. November 2020 - 18:04

Филипче: Ситуацијата е критична, притисокот врз болниците е огромен

Од викендот и Нефрологија и Гастро ќе станат ковид центри. Веќе се исполнија капацитетите на Кожно и неврологија и надлежните во функција ставаат и други одделенија од интерните клиники. Министерот Филипче вели дека изминатите денови здравствениот систем е под силен притисок и состојбата е критична, но засега вели нема потреба од дополнителни ригорозни мерки. Очекува резултат да дадат рестрикциите кои веќе се на сила.

– После утринската координација што ја имавме, се уште сметаме дека ова не треба да се препорачува, но ја следиме епидемиолошката ситуација и ќе носиме одлуки доколку треба да се донесат вакви препораки или мерки, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Само во скопските ковид центри има 382 пациенти кои се хоспитализирани поради компликации од вирусот. Филипче вели дека засега нема потреба да ангажираат и медицински лица од Армијата бидејќи ротираат вработените од клиниките. Но дополнителна помош ќе побараат од средношколките од средното медицинско.

-Оние што се четврта година, стажот да го поминат во ковид центрите. Разговарав со директорката, има некои административни работи и тие ќе се решат, вели Филипче.

Министерот за здравство не очекува дека со карантините кои следуваат викендот во некои соседни земји не очекува да имаме импортирани случаи бидејќи во секоја држава главен проблем е локалната трансмисија.

Инаку денеска пет воено санитетски возила од Армијата беа ставени на располагање на Брза Помош за побрз транспорт на пациенти со Ковид 19 до боилничките капацитети.

- Со овие возила значително се зајакнуваат капацитетите да овозможат брза реакција на здравствените институции во моементи на тешки здравствени ситуациии.Тоа се возила кои даваат можност за транспорт на повеќе лица. Ги даваме како поддршка затоа што сега сите ресурси на државата, треба да ги насочиме тука, изјави Радмила Шекеринска, министер за одбрана.

Наредната недела ќе бидат отстапени уште две возила за другите градови во државата.