Македонија
27. November 2020 - 10:41

Филипче: Епидемијата со Ковид-19 го достигна пикот пред една недела, бројот на активни случаи се стабилизира

Од анализите на бројките и трендовите може да се забележи дека епидемијата со Ковид-19 го достигна пикот пред една недела и од тогаш бројките се стабилизирани, се на ниво на едно плато и тоа ни укажува дека R0 факторот на преносливот е 1. Позитивно е што бројот на активни случаи се стабилизира, нешто што исто така се регистрира и во Европа, истакна денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.

Тој апелираше граѓаните да разберат дека во оваа состојба вирусот сигурно ќе опстане и практично е многу широко распространет.

– За секој еден од нас е ризик, мерките мора да се почитуваат. Очигледно е дека даваат резултати. Го немаме веќе оној нагл пораст на број на пациенти, ниту огромниот притисок кон болниците како што беше пред неколку недели. Тој притисок се уште постои, но не со таков интензитет, потенцира Филипче.

Посочи дека позитивни се вестите кои доаѓаат во однос на вакцините.

– Веќе има вакцини кои се во завршните фази. Очекуваме ковакс системот да профункционира кога ќе почне да ги даваат. Во координација сме во однос на системот на чување и дистрибуирање. Тоа е одлична вест која следната година веројатно ќе ја смени целокупната слика за пандемијата во светот и во таа насока ќе може да очекуваме и стабилизација, додаде Филипче.