Тенис
25. March 2018 - 11:03

Федерер елиминиран од турнирот во Мајами

Австралиецот Танаси Кокинакис го победи Роџер Федерер 3:6, 6:3, 7:6, во второто коло на мастерсот во Мајами. Федерер од понеделник нема да биде број 1 на АТП листата. На челната позиција, иако не игра веќе два месеци, од понеделник ќе се врати Рафаел Надал.

Кокинакис, 175. на АТП листата, низ квалификациите стигна до главниот турнир, а во второто коло ја оствари најголемата победа во кариерата.

Младиот Австралиец на светскиот број 1 му пружи одличен отпор, а во тај-брејкот на решавачкиот сет покажа исклучителна смиреност и на крајот заслужено победи.

Федерер, со еден брејк, го доби првиот сет за 35 минути. Швајцарецот му го одзеде сервисот на противникот во четвртиот гем, а потоа рутински го освои сетот.

Австралиецот со грчко потекло, во вториот сет заигра многу подобро, на самиот почеток спаси брејк топка, а потоа успеа да му возврати на фаворитот на идентичен начин. Брејк во четвртиот сет за предност 3:1 и потоа со сигурна игра израмни на 1:1.

Швајцарецот во третиот сет никако не можеше да ја пробие дефанзивата на Кокинакис. Најдобрата шанса за брејк ја имаше во 11.гем, кога испушти 0:30.

Во тај-брејкот Кокинакис покажа високо ниво на концентрација и со три врзани поени го нокаутира големиот противник.

Кокинакис во наредната рунда ќе игра против ветеранот Фернандо Вердаско.