Македонија
14. јуни 2017 - 12:53

Европскиот парламент ќе гласа за резолуцијата за Македонија

Европскиот парламент денеска ќе гласа за резолуцијата по извештајот за Република Македонија, изготвен од Европската комисија во 2016 година, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Гласањето на резолуцијата, по претходната расправа во февруари на Комитетот за надворешни работи и на пленарната сесија, беше одложен неколкупати со оглед на политичката криза во Македонија. По изборот на претседател на Собранието и составувањето на новата Влада, Европскиот парламент одлучи резолуцијата подготвена од известувачот Иво Вјгл да ја стави на дневниот ред.
 
Во резолуцијата има неколку важни области кои се опфатени со овој необврзувачки документ.
 
Предвремените избори 2016: Европратениците ги поздравуваат изборите од 11 декември 2016 година, кои во голема мера се одржаа на демократски начин. Барањето на европратениците за брзо формирање на новата Влада, која треба да биде стабилна, веќе е исполнето. ЕП бара и мобилизирање и соработка на сите етнички групи во земјата за да се задржи поволната препорака за отворање на преговорите за членство во Европската унија. ЕП во однос на изборите, бара поголема контрола врз финансирањето на политичките партии во земјата.
 
Реформи за пристапување кон ЕУ: Европскиот парламент ја потврдува својата поддршка за отворање на пристапните преговори, под услов да се направи видлив напредок во спроведувањето на договорот од Пржино меѓу сите политички партии во земјата со цел да има стабилизирање и надминување на внатрешните конфликти и да се обезбеди негова целосна практична и одржлива имплементација. Во таа насока се и приоритетните системски реформи. ЕП го повикува Советот (на ЕУ) да го разгледа прашањето за почеток на пристапните преговори што е можно поскоро.
 
Европратениците, исто така, посветуваат внимание на негативните последици кои можат да се појават со понатамошното одложувања на процесот на евро-атлантската интеграција на земјата, на политички план, но и на социо-економски и безбедносен план. Тие, исто така, бараат од Комисијата и Советот на ЕУ да се зголеми видливоста на проекти финансирани од Европската унија во земјата.
 
Иако Европската унија се соочува со многу предизвици (Брекзит, миграциите, радикализмот, итн), европратениците сметаат дека процесот на проширување не треба да биде нарушен. Напротив, потребно е целосно интегрирање на Западен Балкан во структурите на ЕУ со цел да се зајакне и продлабочи партнерството за надминување на сегашните меѓународни кризи.
 
Во овој контекст, европратениците бараат бројни мерки за зајакнување на јавната администрација, да биде подемократска, помалку политизирана, неутрална и професионална.
 
Меѓу очекуваните мерки од Македонија се:
- сеопфатна стратегија за е-влада со цел за намалување на сложените административни формалности за државата, граѓаните и претпријатијата;
 
- зајакнување на правосудтсвото, посебно процедурите за назначување и потранспарентно унапредување, правните прописи и укинување на законските препреки чија жртва е македонското судство.
 
Европратениците, исто така, повикауваат нарешителна акција против корупцијата. Борбата против криминалот, радикализмот и дискриминацијата, ако европратениците ги поздравуваат преземените мерки на растурање на криминални мрежи и патишта кои се вклучени во трговијата со луѓе и трговија со дрога, тие се залагаат за брза имплементација на превентивни мерки против радикализацијата. Особено, тие препорачуваат постојано следење на странски борци кога се враќаат дома од страна на безбедносните служби, успешна реинтеграција во општеството и континуирана размена на информации со надлежните органи на земјите-членки на Унијата и со соседните земји.
 
Исто така, се бара поддршка на организациите на граѓанското општество. Европскиот парламент го отфрла говорот на омраза против дискриминираните групи, вклучително и ЛГБТ лицата и Ромите. Европратениците, повикуваат на мерки за унапредување на родовата еднаквост и учество на жените во политичкиот живот, а се бараат и мерки за спречување и заштита од семејно насилство.
 
Меѓуетничко помирување во земјата: Европратениците ги повикаа сите политички партии и граѓанското општество активно да се промовираат мултиетничко, мултикултурно и мулти-толерантно општество. Тие ја осудуваат каква било форма на иредентизам и секој обид да се распаднат различните социјални групи во земјата. За европратениците, помирувањето на етничките и национални групи во земјата останува приоритет, вклучувајќи ја, како што се наведува, и интеграција на граѓаните со бугарски идентитет. Треба да се спроведат мерки за борба против стереотипите, но, исто така, за подобрување на слободата на медиумите.
 
Економски реформи и борбата против невработеноста: ЕП и понатаму е загрижен за сериозна закана која ја претставува политичката ситуација за македонската економија. Тие повикуваат на мерки за унапредување на растот и вработувањето, посебно на младите, жените и лицата со хендикеп.
 
Во однос на животната средина, европратениците жалат за индустриското загадување и загадување на воздухот и водата и повикуваат на развој на политиката и глобалната стратегија за борба против климатските промени во земјата.
 
Миграциската политика и прием на бегалци: ЕП и честита на Македонија за соработката и конструктивна улога и значителните напори за да се соочи со миграциската криза, со што во голема мера придонесе за безбедноста и стабилноста на Европската унија. Тие забележуваат дека земјата е на „Балканската миграциска рута“,  и дека околу 600.000 бегалци и мигранти, особено од ранливите групи како што се децата и постарите лица, досега преминаа преку нејзината територија. Тие ја повикуваат Комисијата да продолжи со својата работа поврзани со миграциските прашања со сите земји од Западен Балкан, за да се осигура  дека европските и меѓународни стандарди се почитуваат во однос на азилот.
 
Регионалната соработка и односите со Грција: Европратениците веруваат дека регионалната соработка е суштински елемент во процесот за пристапување во ЕУ и треба да биде меѓу приоритетите на Владата. Тие побараа од македонските власти да ги усогласат и рестриктивните мерки преземени од страна на ЕУ против Русија поради одговор на нелегалната анексија на Крим. 
 
Европскиот парламент исто така смета, дека преговорите за договор за пријателство и добрососедство со Бугарија се од суштинско значење.
 
Европратениците на крај ги поздравуваат конкретните резултати од иницијативата за воспоставување мерки за градење доверба со Грција, кои можат да придонесат за зближување и поблиски билатерални односи и го отвора патот за изнаоѓање решение прифатливо за двете страни за прашањето за името на земјата. Европратениците ги повикуваат надлежните претставници на ЕК за развој на нови иницијативи за решавање на споровите и за соработка со двете земји и специјалниот претставник на ОН во решавањето на ова прашање, информирајќи го за тоа Европскиот парламент.
 
При усвојувањето на резолуцијата во Комитетот за надворешна политика, за неа гласаа 54 европратеници, а против беа девет од кои седум грчки европратеници и двајца други од групата на Европската обединета и нордиска левица. Со оглед на овај резултат, денешното усвојување на резолуцијата треба да биде само формалност.