Македонија
4. July 2022 - 16:35

Европската дипломатија уверува дека предлогот е најдоброто можно решение

Со францускиот предлог ќе започнат преговорите на Македонија со Европската унија, смета Европската Комисија. Ги поздравија напорите на француското претседателство за креирањето на овој документ, но и развојот на ситуацијата на релација Скопје-Софија.

-Го поздравуваме развојот на ситуацијата во однос на Бугарија и Северна Македонија, после француските предлози и благодарение на работата на француското претседателство кое ја заврши својата мисија минатата недела, направивме голем напредок по ова прашање.

Францускиот предлог ги зема предвид интересите на сите, па затоа следејќи ги протестите во земјава против предлогот од Париз, од Комисијата ги повикаа сите политички партии да делуваат конструктивно, за Македонија да стане дел од европското семејство.

Од блиску ги следиме настаните во Северна Македонија, сега е време за одговорни одлуки кои ќе овозможат да се оди напред во процесот. За нас сега е време да се напредува со преговарачкиот процес, ревидираниот француски предлог токму тоа го овозможува.

Македонците не треба да стравуваат за својот идентитет порача известувачот за Македонија во Европарламентот. Според него Македонија и Бугарија можат да ги надминат проблемите со прифаќањето на францускиот предлог.

„До сите мои пријатели во Северна Македонија, би сакал да ги известам дека францускиот предлог е најдоброто што Бугарија/Северна Македонија може да го постигнат и би сакал да ве уверам дека во 21-ви век никому не може да му биде одземен идентитетот. Најдобар начин да се заштити и зачува е внатре во ЕУ каде што сите сме еднакви, порача Ќучук на Твитер.