Македонија
21. September 2016 - 15:08

ЕУ издвои 2,9 милиони евра за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија

Вкупно 2,9 милиони евра од ИПА 2 програмата на ЕУ стојат на располагање за проекти за прекугранична соработка меѓу Република Македонија и Република Албанија за 2014 и 2015 година. Можат да ги користат организации како општини, јавни претпријатија, мали и средни претпријатија и невладини организации за проекти со кои ќе се стимулира поизбалансиран, инклузивен и одржлив социо-економски развој во пограничните области на двете земји. 

На денешната прес-конференција по повод промоција на Првиот повик за предлози за користење на овие средства, амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар истакна дека Програмата содржи три приоритети и тоа туризам и култура, зајакнување на можностите за конкурентност и заштита на животната средина.

- Сакам да видиме предлози кои што се однесуваат на вистинските потреби на населението и имаат за цел подобрување на врските помеѓу општините, рече Жбогар и нагласи дека Делегацијата на ЕУ ќе има улога на единствен договорен орган и ќе ги потпишува договорите со претставниците на организациите чии проекти ќе бидат избрани на објавениот повик.

Министерката за локална самоуправа Ширет Елези истакна дека Македонија има значајно искуство од користењето на средствата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија од првата фаза од ИПА 1, во рамки на која нагласи биле реализирани 51 проект во вредност од 7,2 милиони евра или 85 проценти од расположивите средства.

- Охрабрени од ова искуство ние се надеваме дека искористеноста од ИПА 2 програмата за прекугранична соработка ќе изнесува над 90 проценти. Очекуваме квалиетни проекти и нивна добра имплементација, рече министерката Елези.

Според вицепремиерот за евроинтеграции Арбр Адеми, на првиот повик можат да се јават субјекти од пелагонискиот, полошкиот и југозападниот регион од Македонија, како и регионите Дибра, Корча и Елбасан од Албанија.

- Би сакал да ги поканам и охрабрам сите потенцијални корисници како што се општините, јавните претпријатија, организации од областа на културата, туризмот, образованието, од стопанството и сите кои можат да аплицираат... да земат активно учество во овој повик за предлози. РМ има имтерес за продлабочување на соработката со Албанија и искрено се надевам дека во прилог на тоа ќе биде и успешноста на оваа програма, рече Адеми.

Првиот повик за средства од ИПА 2 за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија е објавен на 16 септември и сите заинтересирани субјекти можат да аплицираат до 1 ноември, годинава.