Балкан
2. December 2015 - 20:51

Ердоган: Никој нема право да ја клевети Турција дека купува нафта од ИД

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека никој нема право да ја клевети Турција, имајќи ги предвид обвиненијата дека неговата земја купува нафта од Исламска држава, пренесоа британските медиуми.

Ердоган вчера вети дека ќе се повлече од функцијата доколку се докаже дека овие тврдења се вистинити.

Турскиот претседател, кој денеска зборуваше на универзитетот во Доха, исто така кажа дека не сака дополнително влошување на односите со Москва.

Руското Министерство за одбрана посочи дека има докази за тоа дека Ердоган и неговото семејство заработуваат од нелегалниот транспорт на нафта од териториите во Сирија и Ирак, што се под контрола на Исламска држава.

-Турција уште не ја загубила својата совест за да купува нафта од терористичка организација, рече Ердоган во Катар.

Тој, исто така, уште еднаш ја повтори позицијата на официјална Анкара, според која, рускиот бомбардер Су-24 бил соборен во воздушниот простор  на Турција.

-Турција не сака да ги зголемува тензиите во односите со Русија, но е подготвена да преземе соодветни мерки, додаде Ердоган.

„Досега немавме емоционален став и во иднина тоа нема да го правиме. Немаме намера да ги зголемуваме овие тензии. Ќе дејствуваме по дипломатски канали. Доколку, меѓутоа, Русија продолжи да се држи на овој начин, како наш одговор ќе почнеме да применуваме свои мерки. Со жалење ја набљудуваме непропорционалната реакција на Русија, посочи турскиот претседател.