Балкан
31. July 2016 - 9:37

Ердоган најави реформи во вооружените сили

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган објави реформи во вооружените сили по неуспешниот обид за воен пуч од 15 јули.

- Со најавените реформи, сите воени команданти и началници ќе бидат директно под команда на МО, изјави тој во интервју за тв-каналот Хабер.

Ердоган додаде дека шефот на ГШ, и на разузнавачката служба МИТ треба да преминат под директна надлежност на претседателот. Тие во моментот се потчинети на премиерот. Тоа ќе значи и уставни промени при што ќе се бара и поддршка од опозицијата, наведуваат западни медиуми.

Ердоган најави и затворање на сите воени академии кои ќе бидат заменети од национален воен универзитет.

Ќе биде намалена и бројноста на жандармеријата, но во замена ќе биде засилено нејзиното вооружување. Дел од промените се очекува да бидат објавени во официјалниот владин весник уште денеска.

Во интервјуто, Ердоган нагласи дека турскиот исламски проповедник Фетулах Ѓулен, обвинет за клучна фигура во обидот за пуч, е само пион на друга „движечка сила“ која стои зад него.

Турскиот претседател додаде дека приврзаници на Ѓулен се инфилтирале и во владејачката Партија на правдата и развојот, но биле малубројни и дека се „исчистени“.

Негови адвокати веќе почнале да работат на повлекување на тужби против луѓе кои го навредиле, меѓу кои и обични граѓани и членови на опозициски партии.