Loading Video...
Фудбал
14. October 2019 - 19:42

ЕП 2020: Битка со Словенија за 3-тото место

Селекцијата на Полска ги расипа сметките на нашата репрезентација во квалификациите за следното ЕП во фудбал.  Пораз од 2-0 кој покрај пласманот на полјаците на континенталниот собир ја зацврсти Австрија на второто место  по победата на оваа репрезентација во Словенија.

Македонија не успеа да и се спротистави на Полска на начинот на кој посакуваше. Противникот очигледно беше добро подготвен за овој натпревар и тоа го потврди особено во второто полувреме кога играше одличен пресинг на нашите играчи и беше опасен во нападот . Во две непредвидливи  ситуации и ги постигна головите преку Франковски и Милик.

Во таква игра бевме далеку од голот на Полска на која и се спротиставивме со тим со многу дефанзивци. Можеби и  без многу опции за селекторот Ангеловски кога не можеше да смета на повредените, Барди, Адеми, Крсте Велковски, Дарко Велковски. 

По победата на Австрија во Словенија  останува да ја продолжиме битката за третата позиција на табелата што би бил досега најдобриот пласман за нас во еден квалификациски циклус но и да се подготвуваме за она што следи напролет а тоа е  полуфиналниот дуел со Косово во Скопје во рамките на Лигата на нациите.

Тоа е се засега полесниот начин Македонија за првпат да обезбеди пласман на едно европско првенство.  Овие квалификации покажаа дека имаме добри моменти но и слабости. Го добивме Елмас но добро би било да се појави уште некој млад играч кој може да и помогне на оваа генерација фудбалери да го постигне посакуваниот успех и да ја израдува конечно македонската јавност со настап на големо натпреварување.