Фудбал
19. јуни 2016 - 0:58

ЕП 2016: Роналдо промаши пенал,само бод за Португалија

Еден од фаворитите во сенка на европското фудбалско првенство во Франција – Португалија, предводена од еден од најдобрите играчи денес Кристијано Роналдо, не успеа ниту во својот втор натпревар на турнирот да забележи победа, откако во саботата вечерта во Париз во второто коло од Групата Ф одигра без голови со Австрија, при што Роналдо не реализираше удар од „белата точка“. 
 
Австрија од почетокот беше ориентирана на одбрана, и успеа да остане непоразена против фаворизираната Португалија која имаше дури 23 удари кон противничкиот гол и пенал.
 
Но мечот започна со голема шанса за Австрија од која тешко може да се промаши. Во 3 минута Сабитцер уфрли од десната трана, Харник остана без чувар во петерецот но неговиот удар со глава за неколку метри отиде покрај стативата.
 
Португалците веднаш потоа ја преземаа играта во своите нозе, и во продолжението на првото полувреме создадоа три големи шанси, но ниеднаш не успеаја топката да ја сместат зад грбот на австрискиот голман Алмер. Прво Нани во 12 минута освои топка на левата страна, влезе во шеснаесетникот и во трк остро шутираше, но Алмер беше на место. Новата шанса ја пропушти Кристијано Роналдо, кој беше одлично проигран од Гереиро, но од десет метри шутираше крај голот. Најблиску до постигнување гол беше Нани во 29 минута, но неговиот удар со глава по центаршутот од Андре Гомеш заврши во стативата.
 
Првото полувреме заврши како и што започна, повторно со голема шанса за Австрија. Пепе направи груб прекршок над Алаба на работ од шеснаесетникот, но откосо од десната страна. Слободниот удар го изведе токму Алаба, а неговиот силен удар ќе завршеше во португалската мрежа, доколку од гол-линијата не ја исфрли Виеириња.
 
Второто полувреме зaпочна со удари од далечина, прво за Австрија уште во 46 минута се закани Исланкер, а за Португалија во 55 минута Роналдо. Но и во двата случаи голманите реагираа добро. Алмар ударот на Роналдо го одби во корнер, по што овој уште еднаш се закани, овојпат со глава, но повторно австрискиот голман излезе како победник.
 
Португалија продолжи со иницијативата, а во 79 минута се чини дека италијанскиот судија Рицоли престрого досуди најстрога казна врз Кристијано Роналдо, по меѓусебното влечење со Хинтерегер. Роналдо, кој вечерва собори неколку рекорди во националниот дрес, се реши самиот да го изведе пеналот но неговиот удар заврши во стативата. Потоа Португалија воопшто не можеше да се организира да изврши посериозен притисок врз австрискиот гол.
 
 
Претходно во саботата во Групата Ф, Исланд и Унгарија одиграа 1-1, па по две кола на табелата води Унгарија со четири бода, по два имаат Исланд и Португалија, а Австрија има еден бод. Во третото коло на 22-ри јуни играат Исланд-Австрија и Унгарија-Португалија.