Македонија
19. August 2022 - 21:17

Експерти: Ударната тупаница против организираниот криминал станува дисфункционална

Случајот Русковска негативно влијае во натамошната борба против криминалот и корупцијата. Ја намалува довербата во правосудниот систем и остава лоша порака, анализира универзитетскиот професор Калајџиев.

Ситуацијата е покритична отколку што изгледа, вели професорот, бидејќи сега нема кој да го гони високиот криминал.

“Јас би рекол дека ситуацијата е посериозна затоа што во прашање е фунционирањето на системот...ударната тупаница против организираниот криминал и корупција станува дисфункционално...”

Во систем како нашиот кој се покажа како нестабилен, смета Калајџиев, поддршката од меѓународниот фактор во спроведувањето на правдата е неопходна.

Ќе има ли сили Обвинителството за организиран криминал и корупција брзо да се врати во функција и како ќе влијае суспензијата на Русковска за нејзиниот наследник?

“Јас ќе цитирам еден обвинител кој има речено – јас сум последната будала која ќе се нафати на оваа функција. Обвинителската позиција е тешка, прво што човек размислува е дали навистина може да се потпре на институциите. Ова е сериозна борба, голем ризик, тоа се сериозни противници кои немаат многу обзири. Некој ќе се нафати секако да користи привилегии, но тоа не е доволно, треба некој да се нафати да ја заврши работата”

А изјавите и обвинувањата на Русковска за вмешаност на политиката во нејзиниот случај одби да ги коментира оној кој ја одреди нејзината суспензија. 

“Во овој момент не можеме да коментираме ништо во врска со случајот или пак да реагираме на изјавите на Рускоска. Нашата проценка е дека тоа повеќе би личело на некакво препукување преку медиумите, кое може да му наштети на целиот процес и на Обвинителството”, ни рече републичкиот јавен обвинител Јовески.

Суспензијата за Русковска и дисциплинската постапка против уште двајца обвинители следуваше по претресот во Финансиската полиција и конфликтот на обвинителката со директорот на таа институција Муареми.