Бизнис
25. May 2020 - 12:58

Економски штети трпат сите сектори - експертите очекуваат уште поголем пад на платите

Коронавирусот ги опустоши бизнисите. Дуќанот се издава, локалот е затворен.

Ова се најчестите натписи кои се испишани на излозите од дуќаните во центарот на градот.

Прошетавме десетина минути и наместо ланец од продавници, денеска сме сведоци на ланец од празни, затворени дуќани со прашина и отпадоци, на чии излози со големи букви е испишано СЕ ИЗДАВА.

Туристички агенции, кафулиња, продавници за гардероба, за храна, еден по еден ставија клуч на врата. Кризата со пандемијата силно удри по бизнисот. Познавачите велат ситуацијата може да биде уште полоша.

Веќе е регистриран  и првиот пад на просечната плата во земјава, од стартот на пандемијата. За само еден месец  таа е намалена за околу 800 денари. А во одредени сектори намалувањето на платите е до 20 проценти. За работодавачите ова е очекувано.

Ковид-19 нанесе сериозни штети врз македонската економија. Оние кои не можеа да се носат со последиците ги затворија бизнисите, а дел од оние кои останаа да работат го намалија бројот на работници. Ако кризата потрае до крајот на годината прогнозите се дека бројот на отпуштени работници во некој сектори да достигне до 20 000, ниту еден сектор нема да биде поштеден, а на домашната економија ќе и требаат повеќе години за да застане на здрави нозе.