Балкан
23. May 2016 - 14:41

ЕК ја поздрави грчката акција за расчистување на кампот кај Идомени

Европската комисија денеска ја поздрави акцијата на грчката полиција за расчистување на нелегалниот бегалски камп кај Идомени на границата со Македонија, каде над десет илјади лица повеќе месеци чекаат повтрорно да биде отворена западнобалканската мигрантска рута и преку Македонија и Србија да продолжат кон Западна Европа, јави дописникот на МИА од Брисел.

Портпаролот на Еврокомисијата, Маргаритис Схинас негираше дека Европската унија има сознанија за ново движење на бегалци по западнобалканската рута, но потврди дека за Брисел е прифатлива најавената акција за расчистување на нелегалниот камп во Идомени и за префрлање на бегалците во организираните сместувачки центри во внатрешноста на Грција

- Ние ги видовме извештаите за најавената акција во Идомени, на границата меѓу Грција и БЈР Македонија. ЕК постојано изразуваше надеж дека овие луѓе треба да се преместат во поорганизирани објекти за прием и затоа Комисијата ја поздравува секоја инцијатива на грчките власти за евакуација на нелеганиот камп во Идоменаи за да ги преместат бегалците во организирани објекти за прием, истакна портпаролот Схинас.

Портпаролот на Комисијата одби да одговори дали ЕУ ќе ја прифати одговорноста доколку при обидот за чистење на Идомени, дојде до насилство, имајќи предвид дека бегалците кои долго време се наоѓаат на границата со Македонија, не сакаат да го напуштат кампот и чекаат повторно отворање на западнобалканската бегалска рута.