Свет
5. July 2021 - 15:04

Ефикасноста на вакцините против делта сојот на коронавирусот во Израел опадна од 94 на 64 отсто

Поради ширењето на коронавирусот во Израел, ефикасноста на вакцините против инфекцијата значително опадна и сега изнесува 64 проценти, додека претходно изнесуваше 94 проценти, објави израелското Министерство за здравство.

Намалената ефикасност на вакцината е забележана од 6 јуни, пет дена откако во земјата беа укинати речиси сите ограничувања против Ковид-19.

Израелскиот весник „Харек“ јави дека 90 проценти од новозаболените лица во последните две недели се заразени со делта сојот.

Според податоците на Министерството за здравство, собрани од 2 мај до 5 јуни, пред појавата на најновата инфекција, ефикасноста на вакцините во спречување на инфекцијата била 94,3 проценти.

Слично намалување на ефикасноста е забележано и во превенцијата на сериозните болести кај оние кои примиле две дози на вакцина.

Педесет и пет проценти од новите инфекции биле пријавени кај целосно вакцинираните.

Од почетокот на мај до почетокот на јуни, заштитата од сериозни болести кај вакцинираните изнесуваше 98,2 проценти, но од 6 јуни до 3 јули таа се спушти на 93 проценти.

И покрај тоа, вакцините се уште се ефикасни против сериозна болест што може да доведе до хоспитализација.

Новиот израелски премиер Нафтали Бенет денеска ќе има средба со министерот за здравство Никано Хоровиц на која ќе се разговара за најновото ширење на болеста, а „ковид кабинетот“ ќе се состане утре за да разгледа повторно воведување ограничувања во обид за спречување на ширењето на вирусот.

Ќе се разгледува, меѓудругото, и ограничување на собирањата и повторно воведување на системот на зелени пропусници за одвојување на вакцинираните од невакцинираните и ограничување на бројот на децата кои можат да бидат заедно во затворен простор.

Како што денеска објавија здравствени власти, вчера бил поставен нов тримесечен рекорд, со 343 нови случаи на коронавирус. Бројот на сериозни случаи од минатата недела, исто така, е зголемен за речиси 50 проценти, па утринава се регистрирани 35.

Првите седум случаи на делта сојот во Израел беа регистрирани кон средината на април, кога во Велика Британија имаше 77 вакви случаи. Во тоа време Израел изгледаше дека е речиси надвор од кризата, бидејќи речиси пет милиони од приближно девет милиони граѓани ги примија двете дози на вакцината.