Македонија
11. August 2019 - 13:24

ДЗС: Вклучени сме во гаснење на пожарот во депонијата Русино

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) денеска соопшти дека уште вчера во доцните часови активно се вклучила во акцијата за гаснење на пожарот кој ја зафати депонијата во Русино кај Гостивар и оти директорот Аднан Џафероски заедно со вработените од Подрачното одделение во Гостивар и утринава бил на терен, кој поради извршување на градежни работи е непристапен.
 
Реакцијата на ДЗС следува откако доцна синоќа гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари преку Фејсбук побара помош од државните институции во гаснењето на пожарот во регионалната депонија Русино.
 
ДЗС во денешното соопштение наведува дека за справување со пожарот биле ангажирани градежни машини како поддршка на територијалната противпожарна единица од Гостивар и Комуналното претпријатие на Гостивар и оти нивните екипи остануваат на терен се до конечно гаснење на пожарот.