Македонија
9. March 2018 - 14:34

Џафери се сретна со амбасадорите на Австрија во регионот

Делегација од амбасадори на Република Австрија во регионот предводени од Клаус Вулфер, раководител на Одделот за Западен Балкан и проширување на ЕУ при австриското МНР, денеска се сретнаа со претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, во рамки на нивната посета на регионот, со цел подобро да се информира за актуелните случувања во пресрет на австриското претседавање со Советот на ЕУ од јули оваа година.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери истакна дека Република Македонија премости многу тешки предизвици во изминатиот период, но сепак, успеа да се врати на нејзиниот евроинтеграциски пат и да работи посветено на обврските кои произлегуваат од евроатланските интеграции. Тој информирал за преземените активности од Планот 3-6-9 на Владата во делот на Собранието, за кои рекол дека се во фаза на заокружување.

- Во доменот на градењето добрососедски односи, Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија е ратификуван во двата Парламента и истиот е стапен на сила, а има и интензивирање на директната комуникација меѓу Република Македонија и Република Грција околу изнаоѓање на решение околу разликите кои Грција ги има со уставното име на Република Македонија, истакнал Џафњери.

Вулфер, пак, ги констатирал одличните односи и силните долгогодишни врски кои постојат меѓу Република Македонија и Република Австрија и дека со особена посветеност ги следат актуелните случувања во земјата. Притоа, се додава, му честитал на Џафери за начинот на функционирање на Собранието на Република Македонија и му посакал среќа во изнаоѓање модалитети и решенија за дијалог со опозицијата.

- Фокусот на Западен Балкан и неговата европска перспектива ќе остане непроменет, бидејќи Австрија и Европа пошироко, посакуваат безбеден, стабилен и просперитетен регион и во рамките на претседателството на Тројката, преку Декларација, сакаат уште еднаш да ја потврдат европската иднина на земјите од Регионот, истакнал Вулфер.

Претседателот Џафери на крајот изрази очекување дека Извештајот за напредокот за 2017 година на Европската комисија во март оваа година, позитивно ќе го оцени напредокот на Република Македонија и ќе содржи јасна и безусловна препорака, со очекување дека до крајот на 2018 година ќе се добие и датум за преговори за членство во ЕУ, стои во соопштението.

Во составот на австриската делегација беа австриската амбасадорка во Република Македонија, Ренате Коблер, како и амбасадорите на Република Австрија во Атина, Подгорица, Сараево, Приштина, Белград и Брисел