Македонија
30. January 2017 - 10:39

Две нови премиери во Битолскиот театар

 Ансамблот на Битолскиот народен театар почна со подготовка на две нови театарски премиери.

Станува збор за претставите „Пијани“ од современиот руски автор Иван Винипаев, во режија на Марјан Ѓоргиевски и „Дупло дно“ од Горан Стефановски во режија на Ангелчо Илиевски.

Во претставата „Пијани“ ќе настапат Никола Пројчевски, Валентина Грамосли, Маја Андноновска, Соња Ошавкова, Илина Чоревска, Александар Димитровски, Никола Стефанов, Живко Борисовски и Ангела Димитрова.

-Рускиот автор Винипаев е предводник на т.н. жезелен свет или контрасвет на германскиот и британскиот брутален театар, драматургија која се занимава со обични прашања од животот, поставува прашања за стравот од смртта. Текстот „Пијани“ е напишан во 2012 година и премиерно одигран во Германија, а во Русија претставува апсолутен хит, посочи Ѓоргиевски.

Во претставата „Дупло дно“ ќе настапат Петар Мирчевски, Габриела Петрушевска, Филип Мирчевски, Катерина Аневска и Мартин Мирчевски.

-Текстовите на Стефановски, и посебно текстот „Дупло дно“ денес е поактуелен отколку во времето кога е напишан, односно во 1983 година. Прашањето е, како да се остане уметник во овие времиња. Текстот посочува како да се „рушат ѕидовите“ во нашите глави, зборува за нашата подготвеност да зборуваме отворено, да размислуваме широко...Пробите почнаа и очекувам добра претстава, најави режисерот Илиевски.

НУ Народен театар-Битола освен овие две, паралелно подготвува и други две театарски претстави чии режисери се Благој Мицевски и Јован Ристовски.

Четирите премиери ќе бидат изведени најдоцна до 27 март.