Македонија
9. April 2016 - 14:06

Две нови кампањи на РСБСП за поголема безбедност во сообраќајот

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) денеска почнува две нови кампањи „На патиштата им се потребни одговорни возачи“ и „Животот не дава втора шанса, вози одговорно“, кои ќе се реализираат следните шест месеци преку библиорди, реклами на социјалните медиуми Фејсбук и Твитер, постери флаери. Паралелно со кампањите ќе се реализираат едукативни настани, предавања, теренски и превентивни акции кои ќе треба да ја доближат темата до сите учесници во сообраќајот. 

Ова на денешната прес-конференција го соопшти претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) Стојче Стаменковски.

Првата кампања „На патиштата им се потребни одговорни возачи“ е насочена кон едукација на учесниците за штетните последици од користење мобилни телефони додека управуваат моторно возило. 

- Идејата е да ја подигнеме свеста кај возачите и да им покажеме дека и со мало невнимание при праќање порака или остварување повик постои голем ризик од сообраќајна незгода. Целта е да се запознаат возачите со опасностите и можните последици од ова неодговорно однесување, рече Стаменковски. 

Со втората кампања „Животот не дава втора шанса, вози одговорно“, како што рече, преку реални примери од сообраќајни несреќи ја подигнуваме свеста за штетните последици од возењето со зголемена брзина и возење под дејство на алкохол. Јавни личности во кампањата ќе го дадат својот придонес за одговорно учество во сообраќајот. 

Стаменковски го презентира последното истражување на РСБСП за безбедноста во сообраќајот во Македонија, во првите три месеци од годинава, кое покажува дека свеста на Македонците за одговорно учество во сообраќајот е се уште на многу ниско ниво. 

На прашањето колку често ја пречекорувате максимално дозволената брзина, со никогаш одговориле само 14 отсто од возачите. 20 отсто од возачите одговориле често, секогаш-три проценти, а 63 отсто тоа го прават ретко. 

- Можеме да заклучиме дека 86 отсто од возачите во Македонија го прекршуваат правилото за ограничување на брзината, рече Стаменковски. 

На прашањето дали сте го управувале возилото под дејство на алкохол, 85 од возачите изјавиле дека некогаш имаат управувано моторно возило под дејство на алкохол. Од кои пет отсто тоа го прават често. Според статистичките податоци, младите од 20 до 29 години се најчести жртви во сообраќајни несреќи кои настанале поради управување на возилото под дејство на алкохол. 

- Најзагрижувачки податок во целото истражување е податокот за користење мобилен телефон за време на управување моторно возило. 63 отсто од возачите го употребуваат својот мобилен телефон додека се зад воланот. А еден повик може да те чини многу повеќе, рече Стаменковски. 

Во јануари 2016 година во сообраќајки загинале 11 лица, во февруари осум, а во март 16 или вкупно 35 лица

Во Македонија во последните две години се случиле 7.500 сообраќајни несреќи со повредени лица. Во 2014 година имало 3.719 сообраќајки со повредени лица, а вкупно повредени лица во сообраќајот на патиштатата биле 6.056 лица. Во 2015 се случиле 3.737 сообраќајки со поврдени лица, а бројот на вкупно повредени лица во 2015 е 5.913. Во 2014 година имало 115 сообраќајки со загинати лица, а во 2015 имало 135 сообраќајки. 

Во 2013 година 198 лица го загубиле животот во сообраќајки, во 2014 130, а во 2015-148 лица. Според статистиката, пешаците се најранлива категорија учесцници во сообраќајот.