Македонија
11. April 2021 - 21:16

Двајца владици на МПЦ-ОА хоспитализирани поради Ковид-19

Владиката Петар и Владиката Агатангел се на болничко лекување во Систина, откако добиле позитивен тест на ковид. Информацијата за Сител ја потврди Владиката Петар кој веќе 20ти ден е во болница. Вели дека не бил на кислородна поддршка, но бил хоспитализиран од 23 март, поради превентива за можни компликации. Сега се чувствувал добро, но го чека негативениот тест за да си оди дома. Апелира до верниците за сериозноста на вирусот.

Владиката Петар вели и дека, според неговите информации во стабилна здравствена состојба е и повардарскиот митрополит Агатангел, кој е исто така хоспитализиран пред некој ден.

Од редот на владиците, околу божиќните празници вирусот веќе го прележа владиката Пимен, кој најверојатно се заразил додека беше во Германија пред Нова година. А позитивен на корона беше и новиот поглавар на ИВЗ.

Со оглед на тоа дека вирусот не ги поштеди ниту свештениците, првиот човек на Комисијата за односи со верките заедници Даријан Сотировски, апелира и овие лица што поскоро да бидат опфатени со процесот на имунизација. Потврди дека има позитивни свештеници, но не откри имиња.

Во однос на тоа како ќе се празнуваат Велигден и Рамазан, среде третиот најопасен досега бран на ковид, Сотировски вели дека во овој момент е прерано да се размислува и процени каква ќе биде состојбата со вирусот за две недели.  Но без разлика каква и да биде епидемиолошката слика, ќе ги следеле одлуките на Комисијата за заразни болести.

Претходно министерот за здравство Филипче апелираше граѓаните да останат дома за празниците. А пред три дена од Вила Водно апел упати претседателот Пендаровски и поглаварите и претставниците на верките заедници.