Македонија
6. May 2021 - 21:21

Државните архиви на Mакедонија и на Бугарија подготвуваат заедничка збирка со документи за Гоце Делчев

Писма, документи, фотографии од Илинденскиот период на едно место. Македонскиот и бугарскиот државен архив засилено работат на идејата, на виделина да ги изнесат сите материјали напишани од историски значајните личности за двете земји.

Планот е да се најдат во едно заедничко издание кое треба да биде готово наредната година, кога се слави 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Во збирката, меѓу останатите сведоштва, треба да се најдат и 33 писма напишани од Делчев кои се чуваат во македонскиот архив, но место во обемната колекција ќе најдат и писмата од Софија.

Крстевски и неговиот бугарски колега Груев оваа идеја ја негуваат веќе две години. Директорот на македонскиот архив вели дека за застојот во реализацијата е виновна пандемијата, а не влошените односи меѓу двете земји. Тој потенцира дека во моментов е запрена соработката и со архивот во Белград, од каде Македонија исто така очекува значајни историски писанија.

Објавувањето на сведоштвата во ваков заеднички проект ќе придонесе за затоплување на односите меѓу двете земји, а ќе биде и значајна алатка за историчарите, вели Крстевски.

Со бугарскиот архив паралелно ќе се спроведува уште една заедничка активност. Директорите на двата државни архива се договориле за уште еден заеднички проект – објавување заедничка Збирка на значајни историски фотографии за Балканот од крајот на 19-от и почетокот на 20-от век.