Фудбал
29. March 2018 - 16:19

Драстични казни за ПАОК и газдата Савидис

Екипата на ПАОК дефинитивно ги губи шансите за шампионскиот трофеј откако грчката фудбалска федерација преку својата дисциплинска комисија изрече драконски казни за тимот од Солун по  нередите и прекинот на дуелот против АЕК, во домашното првенство. Високи казни се одредени и за сопственикот на ПАОК  Иван Савидис кој влезе со пиштол на теренот, револтиран поради поништениот погодок на домаќините во 90 минута.

Проблемите настанаа кога судијата го поништи голот поради наводен офсајд, што наиде на жестока реакција кај сите во ПАОК. Доколку тој погодок беше признат, тимот од Солун ќе победеше со 1:0 и ќе избиеше на чело на табелата, што ќе значеше чекор од титулата. 
 
Сепак, сега титулата останува само сон, бидејќи Дисциплинската комисија го регистрираше прекинатиот меч со службена победа на гостите од 3:0. Освен тоа, на ПАОК ќе му бидат одземени три бода, а во следната сезона ќе започне со минус од два бода и првите три меча на свој терен ќе ги игра пред празни трибини. Паричната казна е 63.000 евра за клубот. 
 
Газдата на ПАОК, Савидис доби забрана за влегување на стадион во следните три години, а треба да плати и 100.000 евра. 
 
Од ПАОК најавија жалба на оваа казна.