Македонија
25. March 2016 - 13:09

ДОМ предупредува на еколошка катастрофа во ОХИС

ДОМ предупредува на еколошка катастрофа во ОХИС од 100-ната тони опасни хемикалии кои се високо токсични, запаливи и експлозиви а се складирани во дворот на старата фабрика и бара итен увид од страна на Државниот инспекторат за животна средина.

Портпаролката на ДОМ Маја Морачанин рече дека доколку настане еколошката катастрофа ќе го погоди не само Скопје, туку и целата Вардарска долина и додаде дека од пред една недела  ОХИС е без носители на одговорност за управување со него и без контрола на службите за обезбедување и противпожарна заштита, задолжени за присутните хемикалии.

Во кругот на ОХИС, како што наведуваат од ДОМ, покрај веќе познатиот пестицид линдан, се складирани и други опасни хемикалии, како на пример: 35 тони акрилонитрил мономер, кој може да го уништи целокупниот животински и растителен свет по течението на Вардар, 20 тони активни супстанци за производство на пестициди, кои се многу токсични ако истечат во почвата, 2,5 тони хлор во контејнери со дотраен материјал, па при негово истекување може да предизвика сериозни проблеми по здравјето на луѓето, особено по респираторниот и кардиоваскуларниот систем.

ДОМ бара Државниот инспекторат за животна средина да изврши итен увид на состојбата и да ги задолжи државните институции да постапат со соодветни мерки и активности за намалување на опасноста од хаварија.

ДОМ апелира до Владата на Република Македонија итно да направи прераспределба на буџетски средства од непродуктивни трошоци кон  решавање на една од жешките еколошки точки, но и кон решавање на егзистенцијалните проблеми на вработените од ОХИС.