Македонија
24. January 2017 - 8:34

Документарни филмови за лицата со интелектуална попреченост

Проекции на серија документарни филмови од режисерот Томислав Жаја и дискусија денеска и утре ќе се одржат на Скопскиот саем, во организација на Здружението СОЛЕМ - Скопје.

Публиката ќе може да погледне осум кратки документарни филмови кои прикажуваат различни аспекти од проблемите и предизвиците со кои се соочуваат лицата со попреченост. Ќе бидат прикажани филмовите: „Регионализација“, „Активна поддршка – едукација за асистенти“, „Старателско семејство – деца“, „Живеење со поддршка“, „Евалуација“, „Самозастапување“, „Нов ден“ и „Работам, значи постојам“. 

Овие проекции се продолжување на иницијативата почната во октомври 2016 година со прикажувањето на документарниот филм „Слободни“, за покренување на прашањето за деинституционализација на лицата со интелектуална попреченост.

Според организаторот, целта е да се отвори дискусија, отворено и јавно да се разговара за предизвиците, пречките, начините и можните решенија за подобрување на состојбата на оваа категорија граѓани. 

Говорници на секоја од проекциите ќе бидат Маријана Јанковиќ од проектот „Промоција на услуги за социјална инклузија“, финансиран од Европската унија, Искра Росо, извршна директорка на Здружението СОЛЕМ, Барбара Садовска, тим лидер на проектот „Поттикнување на социјалното претприемништво“, финансиран од ЕУ, Мартин Пановски, претседател на Асоцијација на архитекти на Македонија и режисерот и автор на документарните филмови Томислав Жаја. Жаја ќе биде присутен и на двете проекции.

Предвидено е учесниците да дискутираат за потребите од зајакнување на лицата со попреченост преку нивно осамостојување низ деинституционализација, воведување на услугата „личен асистент“, почнување програми за стручна обука во соработка со институциите и бизнис секторот, подготвување на теренот за развој на социјално претприемништво, како и планирањето на универзален архитектонски дизајн за поголема пристапност, од страна на архитектонските студија и институциите.