Македонија
9. December 2015 - 14:38

Доделени наградите за „Најбезбедно и најчисто училиште“

Основното училиште „Владо Кантарџиев“ од општина Гевгелија и средното училиште на град Скопје „Владо Тасевски“ се победници на Јавниот повик за избор на најбезбедни и најчисти училишта во учебната 2014/2015 година, организиран од  Министерството за образование и наука.

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, денска присуствуваше на доделувањето на наградите на училиштата победници.

Од основните, првото место му припадна на ОУ „Владо Кантарџиев“ од општина Гевгелија, второто место го заслужи ОУ „Климент Охридски“ од село Драчево, општина Кисела Вода, а на трето место се најде Основното општинско училиште „Свети Климент Охридски“ од Македонски Брод.

За најбезбедни и најчисти средни училишта, избрани се средното училиште на град Скопје „Владо Тасевски“,  кое го освои првото место, додека второто место му припадна на Средното училиште на град Скопје  „Никола Карев“.

Како што соопшти Министерството за образование за „Најбезбедно и најчисто училиште“, годинава конкурираа 18 основни и 6 средни училишта, а на јавниот повик можност да аплицираат имале сите основни и средни училишта на територијата на Република Македонија.

Министерот Адеми истакна дека Министерството за образование и наука  и мисијата на ОБСЕ во Република Македонија натпреварот за „Најбезбедно и најчисто училиште“ го реализираат по втор пат, со цел да се зголеми безбедноста и хигиената во училиштата

- Наша задача е во училиштата да овозможиме безбедна средина која ќе го почитува и поддржува достоинството  и развојот на децата. Ваквиот пристап го зголемува учеството во образованието бидејќи ги промовира инклузијата, разноликоста, еднаквите можности и недискриминацијата. Со тоа се обезбедува безбедна средина погодна за учење, креативно размислување, дружење, растење и развој, како и средина во која сите заедно ќе уживаат во придобивките на образовниот процес. Безбедноста на децата во училиштата е основен предуслов за обезбедување на чувство на припадност во општеството, како и за создавање на атмосфера на доверба и соработка, рече Адеми.

Министерот потенцираше дека заедно со наставниците и родителите во континуитет се работи на подигнување на свеста на учениците кога станува збор за одржување на хигиената во нивните училници, во училишните дворови и училишните спортски сали.