Македонија
8. April 2017 - 16:13

Дневник: Христијаните да се протераат, а земјата да ја земат Албанците

На улица, дома и насекаде строго било наредувано да се зборува само на албански јазик со цел населението постепено да се албанизира. За албанизација на возрасните се организирале курсеви за задолжително изучување на  јазикот. Практично се спроведувал засилен и организиран процес за целосна албанизација на населението.

Притоа со посебна наредба било побарано сите јавни натписи на установите, трговските и угостителските дуќани да се напишат на албански јазик. Називите на улиците биле обележани со албански имиња. Исто така, со посебна наредба, целокупната администрација на територијата под „албанска контрола“ морала да се води на албански јазик – пишува проф. Малковски во своето истражување на оваа тема.

Фашистичката поделба на Македонија за време на Втората светска војна воспоставила линии за разграничување, поделувајќи го македонскиот народ под неколку окупатори. вардарскиот дел на Македонија до почетокот на април 1941 година се наоѓал под окупација и владеење на Kралството Југославија, додека останатите два дела, пиринскиот и егејскиот се наоѓале под окупација на Бугарија и Грција. Помал дел бил окупиран од Албанија.

По нападот на Југославија на 6 април 1941 година во Македонија навлегла Дванаесеттата германска армија, во чиј состав била и СС-дивизијата „Адолф Хитлер“, заедно со 18. армиски корпус, а на југословенско-албанската граница веќе биле концентрирани делови од Деветтата италијанска армија со 4 и 14 корпус. На 17 април во Белград била потпишана капитулација на Југославија, а само еден ден подоцна командантот на Дванаесеттата армија издал наредба Педесеттиот армиски корпус да ја преземе командата во Македонија. Прв декрет за воспоставување окупациска административно-управна власт во западниот дел на Македонија бил декретот на Мусолини од 17 мај 1941 година. Веднаш потоа во сите градови во овој дел на Македонија биле формирани разграноци на Фашистичката партија на Албанија.

Мрежата на Фашистичката парија на Албанија многу брзо успеала да го наруши соживотот меѓу Македонците и Албанците на овие простори, а диктатурата што ја спроведувале врз населението била неиздржлива. Во меѓувреме, следејќи ги инструкциите за контрола на окупираната територија, а врз основа на фашистичката платформа од Тирана, веднаш биле формирани голем број фашистички организации како Беса, Фаша, Зото и Таша, а особено битно било формирањето на Балистичката организација кон крајот на 1942 година.

Целокупната власт му ја дале на многу помалобројното албанско население во западна Македонија, кое пак во тоа гледало „остварување на својот сон за Голема Албанија“. Балистичките водачи, во соработка со италијанската власт, настапувале со паролата за создавање на албанска, етнички чиста држава, во која ќе влезат Kосово, голем дел од Македонија, Црна Гора и Чемерија во Грција. Врз таа основа Балистичката организација развила голема активност на теренот, особено во Kосово и западна Македонија, насочувајќи ги Албанците во борба против македонскиот народ и македонската војска.

Во архивските документи пишува дека во Западна Македонија имало од 12 до 15 илјади балисти што вршеле ужасен терор врз Македонците. Така, во периодот од 1943 до крајот на 1944 година, балистите ги запалиле селата Малкоец, Попоец, Лактиње, Црвена Вода, Мешеишта, каде што се убиени многу селани, потоа Врбјани, Турје, Kленоец… Било запалено и селото Заграчани, а во Радолиште биле убиени стотина селани, меѓу нив и муслимани кои застанале на страната на македонската војска.

Паралелно со етничкото чистење на теренот, балистите ги уништувале и црквите и манастири, кои ни Турците во осмалинскиот период не ги чепнале. Балистичките банди вршеле масовни убиства на Македонци, Во гостиварскиот крај биле запалени селата Маврово, Леуново, Никифорово, Железна Река, Тумчевиште и притоа биле ликвидирани речиси 500 Македонци. На 19 септември 1944 година балистите го запалиле селото Беличица каде што биле убиени 36 лица.

При извршениот попис во 1942 година, целокупното население што живеело на оваа територија, без оглед на нивната национална припадност, било запишано како албанско население и добиле албанско државјанство. Друга националност не била признавана. Сите имиња и презимиња на Македонците морале да добијат албански завршеток, целокупната администрација била водена на албански јазик, а строго биле забранети и сите јавни разговори на македонски јазик, дури и телефонските разговори морале да се вршат на албански јазик. Мажите морале да носат кечиња на главата. Се разбира истиот притисок се спроведувал и во другите градови и села во западниот дел на Македонија, кој бил под окупација на Италија, односно Албанија – пишува проф. Малковски.

По ослободувањето на Македонија, албанските колонисти доселени на имотот на протераните Македонци, наместо да бидат вратени таму од каде што дошле, останаа во Македонија, а со тоа почна и продолжи етничката и јазична доминација во Западна Македонија, која сега веќе е во таква фаза што опстанокот на Македонците на своите родни огништа, во својата татковина е целосно загрозен- пишува проф. Малковски.

По капитулацијата на Италија, значи по 8 септември 1943 година, балистите веднаш склучиле спогодба со Германците, тврдејќи дека Албанија е обединета и независна, а со тоа Албанците мора да останат на териториите што ги контролираат, пишува проф. д-р Ѓорѓи Малковски.