Македонија
19. April 2021 - 13:18

Димитров: Петтиот пакет на мерки задоцнет, но, ќе има позитивен ефект врз стопанството

Петтиот сет на економски мерки, иако задоцни сепак ќе даде позитивни ефекти за зачувување на работните места и отварање на фабричките хали, е ставот на претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров. Тој посочува дека во изминатиот период, како што политичарите калкулирале во Собранието, така и работодавците калкулирале, анализирале и чекале што ќе се случи.

-Јас сум сигурен дека и дел од оние кои отпуштија дел од работниците, ако сакаат да конкурираат, да поднесат барање и да ги исполнат условите за овој петти сет мерки ќе мора да ги вратат работниците назад. Тоа сигурно нема да го сторат сите. Знаете дека состојбата од компанија до компанија е различна. Оние компании кои се финансиски стабилни и кои имаа финансиски резерви да ги издржат овие два до три месеци без помош, тие најверопјатно ако имаа отпуштено работници ќе ги вратат и ќе конкурираат за помош, вели Димитров.

Тој посочува дека сепак оние фирми кои имаат кредити и долгови, најверојатно нема да се одлучат за државната помош и нема да ги вратат отпуштените работници.

-Затоа што знаеме дека финансиската помош е најмалку е околу 14.500 денари. Но, компаниите мора да ги платат и придонесите и ако имаат други обврски, тогаш состојбата станува покритична. Така да секој работдавач сам ќе одлучи, но во секој случај помошта беше неопходна и ќе спаси, голем број работни места, рече Димитров.

Прашан колку од 10.000 текстилни работници во земјава, кои изминатите две недели беа на колективен одмор се вратија на своите работни места од денеска, Димитров со одговор и проценка дека над половина од нив се веќе во фабричките хали, по вчерашното донесување на петтиот пакет на економски мерки.

Но, како што вели, колку од компаниите ќе опстојат и ќе се задржат работници, најдобра анализа и бројки ќе има на крајот од месецот, кога ќе се заврши аплицирањето за субвенционирање на платите од државата.

Димитров вели дека за трудоинтензивните гранки потребен е и шестти пакет на мерки, бидејќи во моментов поради локдаунот во Германија и во земјите каде се извезуваат производите нема потрошувачка на пазарот, а и странските партнери не бараат нови нарачки. Но, до јуни ќе се знае состојбата на овие странски пазари и дали со имунизацијата на населението економијата ќе почне да заздравува.