Македонија
6. September 2017 - 20:34

Димитров: Германија-искрен пријател и клучен партнер на европската перспектива на Македонија

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денеска престојуваше во работна посета на Германија, во чии рамки оствари средба со својот домаќин, германскиот сојузен министер за надворешни работи, Зигмар Габриел.

На средбата со својот германски колега, како што соопшти МНР, министерот Димитров ја реафирмирал силната политичка волја и активностите на новата македонска Влада насочени кон враќање на европскиот курс на земјата, преку исполнување на неопходните реформи, со цел зајакнување на процесот на наша интеграција во ЕУ и НАТО.

Ги пренел и позициите на Република Македонија во однос на проактивниот пристап во регионалната политика преку конкретните иницијативи на новата Влада за градење односи на отворен дијалог со сите наши соседи, оценувајќи дека истите несомнено ќе придонесат за европска иднина на целиот регион на Западен Балкан.

- Не сакаме лажни реформи, сакаме систем на спреги и кочници. Сакаме европска Македонија, владеење на правото и систем на заслуги. Така ќе ги поттикнеме нашите млади да останат. Берлин го напушаме силно охрабрени, со пораки на јасна поддршка за предизвиците што не очекувааат на овој пат, истакнал министерот. 

Неговиот германски колега Габриел ја реафирмирал германската поддршка во исполнување на стратешките приоритети на нашата земја, потенцирајќи дека Германија ќе продолжи силно да ги охрабрува македонските заложби за интегрирање во ЕУ и НАТО. Ги поздравил нашите иницијативи посветени на водењето политика на добрососедство, констатирајќи дека досега преземените активности се недвосмислена потврда на нашата определба за практикување европска политика во Регионот.

Покрај средбата со министерот Габриел, Димитров имал средба и со советникот за надворешна и безбедносна политика на канцеларката Меркел, Кристоф Хојзген, а остварил одделни средби и со заменик генерлниот секретар на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Герхард Валерс, како и со високиот претставник и член на Управниот одбор на Фондацијата „Фридрих Еберт“, Ролф Мицених.

Посетата на Берлин, министерот Димитров ја заокружил со обраќање во реномираната германска тинк-тенк организација „Германско друштво за надворешна политика“, на тема “The New ,Macedonian' Moment for the Western Balcans?“.