Македонија
2. April 2020 - 17:07

Димче Арсовски: Владата денес повторно ги манипулира компаниите со новата мерка

Со внимание ја анализиравме мерката на владата која беше навестена уште пред две недели за помош на бизнисите со минимална плата. Она што можеме да го соопштиме е дека мерката која помпезно беше најавувана е недоволна и преставува измама и привид дека нешто се помага во ситуација кога нема да преставува помош за компаниите. Впрочем тоа го говорат и самите менаџменти и сопственици на компаниите.

Мерката е рестриктивна, и е далеку од доволна за помош за компаниите за да ги задржат сите вработени на своите работни места. Жалиме што владата остана глува на барањата на стопанството, како што впрочем е ситуацијата и за се останато.

Еве сега да објасниме зошто мерката која што денеска владата ја најави не е недоволна.

Оливер Спасовски денес им порача на компаниите дека никој нема да им ги покрие загубите за месец март. Со мерката не се покриваат трошоците и загубите направени во месец март, бидејќи истата се однесува единствено на април и мај. Владата доцни дури 20 дена со оваа мерка и свесно ја промовираат на 2 април. Но загубите на компаниите се остварени и сеуште седат и никој не ги споменува загубите за месец март.

Второ, само мал број на компании ќе го искористат полниот износ од 14.500 денари, затоа што мерката се врзува со бројот на работните часови на вработените, односно ефективни работни часови како што ги говорат. Ова веќе го обзнанивме, ова го знаат и компаниите, но Владата се уште не го демантираше.

Имајќи предвид дека вонредната состојба ќе трае до средината на месец април, а најверојатно како што стојат за жал ќе биде продолжено уште за еден месец, дури до средината на мај и повеќе имајќи ги предвид анализите и искуствата од другите држави кои дури сега го достигнуваат пикот на кризата со Ковид 19. Тоа значи дека вработените ќе имаат нула ефективни работни часови во месец април, а сепак најверојатно и во месец мај, што уште повеќе ја продлабочува кризата, загубата и пропаста на компаниите, стопанството и економијата во Република Македонија. Или поедноставно за да разберат вработените во приватниот сектор и граѓаните, тоа значи дека компаниите за кои што работат овие вработени со нула ефективни работни часови во месец април не ќе можат воопшто да ја користат оваа поддршка од 14.500 денари. Истото ова може да се случи и за месец мај, кој најверојатно повторно ќе се наоѓаме како држава а и компаниите во истата ситуација како и во месец април.

Трето, Зоран Заев прво ги убедуваше сите дека „Економијата блеска, а резултатите се за поклонување“. Ги охрабри компаниите да имаат развојни планови, а сега оваа мерка нема да важи за компаниите кои исплатиле награди и девиденда на своите вработени во периодот кој Зоран Заев го оценува дека ние како економија и држава сме блескале.

Четврто, треба да се знае дека сите оние компании кои што веќе се корисници на мерките преку Агенцијата за вработување нема да можат да ги искористат овие 14.500 денари. Со што дополнително се крати кругот на корисници на мерката. Значи, сите оние мали компании кои сеуште се во развој со по неколку вработени, со овие мерки на Владата се осудени на пропаст.

Петто, дадена е опција или 14.500 за минимална плата или половина средства за придонесите. Со оваа опција ќе се помогне вистински само на оние со најголеми приходи во државата и со најголеми плати, а ништо за оние кои навистина им треба помош во реалниот сектор.

Затоа предложивме до Владата субвенционирањето за одржување на ликвидноста преку исплатата на бруто плата на работниците во компаниите за месеците март, април и мај 2020 година во износ од најмногу 50% од месечната бруто плата по работник.

Висината на месечната субвенција по работник може да изнесува максимум до висината на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во декември 2019 година. Односно предлагаме државата да ги помогне компаниите со пакет мерки од 26.800 денари.

Ова денеска што го зборуваше Оливер Спасовски и што го предложи како мерка до компаниите и стопанството не е доволно за спречување катаклизма во економијата. Ова е само пи-ар мамка на владата за да се прикрие реалната ситуација од која што владата нема начин како да излезе и не знае како да излезе за да им помогне на компаниите и која што ситуација воопшто не е во моментот и нема да биде понатаму поволна за стопанството.