Македонија
16. October 2017 - 1:47

ДИК: По 60,59 отсто обработени гласови – СДСМ води во 49, ВМРО-ДПМНЕ во 10 општини


Според првичните резултати што вечерва на прес-конференција ги соопшти Државната изборна комисија, кандидатите за градоначалници на СДСМ водат во 49 општини, на ВМРО-ДПМНЕ во 10 општини, на ДУИ во 12, а кандидатите на девет други партии, коалиции и од група избирачи водат во останатите општини.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски на прес-конференцијата, соопштувајќи дел од изборните резултати, оцени дека изборите поминале во фер и демократска атмосфера и оти генерално имало успешен изборен ден.

– Во текот на денот избирачките одбори во општинските изборни комисии се соочуваа со по некој технички проблем, но ДИК преку соодветни упатства ги надмина и сметам дека генерално имавме успешен изборен ден, рече Чичаковски.

ДИК во рок од 12 часа по затворањето на избирачките места треба да ги даде првичните резултати, а според најавите на Чичаковски се очекува утре околу 11 или 12 часот да излезат со првични резултати.

До еден часот по полноќ во ДИК обработени се 60,59 проценти од гласовите.