Македонија
4. January 2016 - 10:50

Делчево со два проекти ќе аплицира за новиот повик на ИПА Програмата

Делчево со два проекти ќе аплицира за новиот повик на ИПА Програмата за прекугранична соработка. Во партнерство со Општина Благоевград , Делчево ќе ги превенира поплавите и ќе штеди енергија за уличното осветлување. Вкупниот износ кој се планира да се добие од оваа Програма е околу 400 илјади евра за двата проекти.
 
Како што истакна Тони Стоименовски од Одделението за локален економски развој при Општина Делчево, со првиот проект кој е во завршна фаза ќе се регулира речното корито на Брегалница во центарот на Делчево во должина од 200 метри.
 
-Овој проект е продолжение на претходниот кој го работевме со Општина Благоевград.  И понатаму ќе работиме на регуалација на коритото на реката. Овој пат во делот кој е најкритичен при поплави, а тоа е делот од реката кој поминува покрај новата црква, новиот парк од едната страна, а од другата е населба со индивидуални станбени објекти. Освен инфраструктурен дел, изградба на речното корито, со овој проект предвидени се и надградба на капацитетите на човечките ресурси за превенирање на поплавите, рече Стоименовски.
 
Со вториот проект планирана е замена на посточеките светилки со лед светилки, при што Делчево на уличното осветлување ќе штеди околу 70 проценти енергија.
 
-Имаме предвидено набавка на опрема за лед светилките со што Делчево ќе го следи европскиот тренд за употреба на штедлици светилки, рече Стоименовски.
 
Општините од пограничните региони до 25 јануари оваа година имаат можност да аплицираат со проекти на повикот од ИПА програмата за прекугранична соработка.