Македонија
24. May 2016 - 13:11

Делчево ги слави заштитниците на градот Свети Кирил и Методиј

Порака за мир и единство во Македонија, соживот и љубов, испрати денеска од Делчево владиката Иларион по повод празникот на сесловенските браќа Кирил и Методиј, ден кој овој град го одбележува како свој празник.

- Го празнуваме празникот на словенските учители и просветители коишто ни создадоа азбука, кои не описменија за да можеме денеска, да зборуваме, пишуваме, да го славиме Бога, да се радуваме, на свој мајчин словенски јазик. Ги молиме светителите да се молат пред престолот божји за мир и благосостојба во целиот свет, за мир и единство на народот во нашата татковина, за љубов и соживот, исто така, да ги утврдат сите народи во љубовта и единството. Христос Воскресна, честит и вечен празник, рече владиката Иларион.

Празнувањето на Денот на заштитниците на Делчево, словенските просветители, започна со свечена литургија со која чиноначалствуваше владиката Иларион во новоизградената црква „Св. Наум“ која е дел од верскиот објект во изградба посветен на „Св. Кирил и Методиј“ во центарот на Делчево. Традиционално на овој ден, свештените лица и верниците, се дел од свечената литија и кршењето на славскиот колач што се одржува во новата црква „Св. Климент Охридски“ осветена лани и подигната во дворот на делчевската гимназија, каде во 60-тите години била срушена црквата посветена на браќата Кирил и Методиј.

Владиката Иларион ги повика верниците да донираат за доизградба на црквата Св. Кирил и Методиј која се гради веќе 18 години, но ги повика верниците да донираат и за нова црква која треба да се подигне во населбата Милково Брдо во Делчево.

Делчево има посебен пиетет кон словенските браќа кои на горниот тек од реката Брегалница ги поставија темелите на словенската писменот. Ова градче на истокот веќе пет години со црковни свечености го одбележува овој ден.

Градоначалникот Дарко Шехтански во оваа пригода испрати порака за здравје и бериќет до сите верници.