Македонија
24. јуни 2018 - 16:54

Дефиле за еднаков пристап за сите - бариерите во умот најтешко се премостуваат

Лицата со телесен инвалидитет секојдневно се соочуваат со голем број архитектонски бариери. Во Битола, движењето во одредени делови од градот им е отежнато.

- Со количката треба да има секаде достапно за да можам да одам, а немаме такви места, рече Олгица Огненовска.

- Каде што има на улиците направено, и таму паркирано автомобили, да не можеш да поминеш, вели Томе Ѓорѓиевски.

Со цел да допрат до јавноста за да се подобри свесноста за правата кои ги имаат овие лица, во Битола се одржа Традиционалното 12-то по ред дефиле по Широк Сокак на лица со телесен инвалидитет.

- За тие како еднакви субјекти да бидат препознаени во општеството и да оди процесот од институционална грижа до грижата на заедницата, изјави прим.д-р Нико Јанков, претседател на „Мобилност“ Битола.

- Да таргетираме точно кои се проблематичните точки кои што ја попречуваат мобилноста на нашите сограѓани кои ги имаат овие проблеми и истите да бидат втрадени во програми и во инфраструктурни зафати на општината за да се реализираат, изјави Наташа Петровска, градоначалник на Општина Битола.

Дефилето и работилницата се одржаа под мотото „Лобираме заедно“.

- Ние колку стручно и да ги направиме анализите, колку и да направиме компаративни искуства за подобрување на одредени права со искуствата од државите од ЕУ, сепак без лобирање и без вистински начин за лобирање, тешко ќе може да оствариме, вели Бранимир Јовановски, претседател на „Мобилност“ Македонија.

- Ако порано се сметаше дека архитектонските бариери се најголемиот проблем, сега се повеќе е човековиот ум како бариера биејќи тоа не треба да биде потреба, туку култура на однесување, изјави проф.д-р Марјан Танушевски, експерт за лобирање.

Дефилето е во организација на Здружението на лица со телесен инвалидитет  Мобилност Битола подржано од  Мобилност Македонија и општините Битола, Ресен и Демир Хисар.