Македонија
25. August 2021 - 19:54

Данела Арсовска и Петар Георгиевски независни кандидати за градоначалник на Скопје - СДСМ утврди нови имиња

Претседателката на Сојузот на Стопански комори Данела Арсовска ја објави кандидатурата на локалните избори за градоначалник на Скопје.  Арсовска, чие име и досега се шпекулираше во јавноста за прв човек на главниот град поддржана од опозциската ВМРО-ДПМНЕ, се кандидира како независна, а најавата ја направи преку Фејсбук.

Од ВМРО-ДПМНЕ засега не ја потврдуваат поддршката на Арсовска.

Уште еден независен кандидат пројавува интерес за градоначалник на Скопје. Петар Георгиевски познатиот член на поранешната музичка група „Меморија“ вели дека е спремен да го прифати предизвикот, но само ако добие поддршка и од Левица на Апасиев.

 „Доколку вашата поддршка остане за мене како НЕЗАВИСЕН кандидат поддржан од ЛЕВИЦА со радост ќе го прифатам овој предизвик во кој ќе си ги жртвувам сопствениот мир и спокој“, напиша Георгиевски на Фејсбук.

Од „Левица“ кусо одговорија дека одлуката ќе биде донесена до крајот на неделава, но индикативно, лидерот на Левица, исто така преку социјалната мрежа, сподели песна од Меморија со коментар “Црвено вино, црвени знамиња”.

СДСМ, пак, денеска го надополни списокот за градоначалници со 16 кандидати. 12 од нив се нови имиња кои по првпат се кандидираат за локални челници, додека четворица ќе бркаат втор мандат во своите општини. Анализите во партијата покажале дека најдобар избор за Прилеп е поранешниот министер Горан Сугаревски, додека за Велес актуелниот пратеник Ненад Коциќ.

Шанса за втор мандат во скопските општини нема да добијат Стефан Богоев во Карпош и Златко Марин во Аеродром. За местото на Богоев, за кој се шпекулира дека ќе биде директор на Царина ќе се кандидира првиот човек на Водовод Душко Весковски, додека за градоначалничката функција во Аеродром кандидат на СДСМ е економистот Александар Филиповски, кој доаѓа од приватниот сектор.

Стоматологот Хенди Елезовиќ е избран за кандидат за Тетово, додека инжинерот Горан Тодоров ќе претендира за прв човек на Кавадарци. Најмлад меѓу новите имиња е информатичарот Влатко Бојковски, кој ќе атакува на градоначалнилкото столче во Кратово.

Во СДСМ се уште се размислува кој ќе ја претставува партијата на локалните во општина Центар, Битола и Куманово. Од партијата најавуваат дека до крајот на месецот ќе биде заокружена кандидатската листа за изборите во октомври.