Македонија
18. May 2022 - 21:16

Дали ново вето во јуни ќе донесе предвремени избори?

Молк во главните владини партнери за тоа што по јуни, откако се поизвесно е дека преговорите со ЕУ и понатаму се закочени, а на само еден месец до состанокот во Брисел нема приближување на позициите меѓу Скопје и Софија.

Ниту СДСМ ниту ДУИ не одговараат на тоа каки се размислувањата во Владата, дали ќе има промена во владината коалиција и дали тоа може да донесе предвремени избори имајќи пред вид дека помалите партнери при формирањето на кабинетот на Ковачевски посочија дека се во Владата со цел брза интеграција на земјата од ЕУ.

 „Изборите ќе бидат редовни, во 2024 година“, кусо одговараат од СДСМ.

Павле Трајанов од Демократски сојуз вели дека се уште е неизвесен исходот во јуни имајќи пред вид дека во процесот меѓу Македонија и Бугарија силно се вклучени и ЕУ и САД. Сепак, Трајанов коментира дека при формирање на Владата иамало неколку ветувања дека датум за преговори ќе има уште во декември односно јануари, но тој никогаш не се случил.

Неофицијално и други партии од помалите партии коментираат дека и да нема датум за преговори мали се шансите за некакво редефинирање на коалицијата во Владата и веројатно се ќе остане статус кво. Предвремени избори засега не се опција за СДСМ и ДУИ, велат тие.

Засега единствен кој отворено покажал незадоволство од работата на Владата бил пратеникот од Алтернатива Скендер Реџепи. Реџепи денеска не одговараше на повиците и пораките дали тој останува во редовите на парламентарното мнозинство.