Македонија
4. July 2020 - 16:28

Цела недела по труењата, инспекциите не го најдоа изворот во сендвичарата

Негативен е примерокот од пилешкиот стек  од Гранд Бургер. Од Центарот за јавно здравје велат дека мострата е тестирана на пет бактерии за кои постоеше сомнеж, но не е забележано присуство на ниту една од нив.

Во меѓувреме, двата локали, и во Карпош и во Ново Лисиче остануваат затворени. Соптвениците на Гранд Бургер за Сител велат дека се сомневаат на организирана хајка против брендот. Тврдат дека инспекторите кои биле на терен им рекле оти нема никакви нерегуларности во начинот на работењето и во поглед на хигиената.

-Ние во текот на изминатата недела комплетно сме на располагање на сите институции, на Агенцијата за храна и ветеринарство, на Центарот за јавно здравје. Се што е побарано, ние им излегуваме во пресрет за да овозможиме валидно добивање на резултатите. Поради големиот притисок кој што го следиме на социјалните мрежи, на медиумите, ние одлучивме во интерес на здравјето на нашите почитувани клиенти да го затвориме дуќанот до добивање на официјалните резултати. Јас одговорно трвдам дека работиме во согласност со начелата на добра производна пракса и начелата на сигурен и безбеден производ кој што треба да стигне до потрошувачот, вели управителката на Гранд Бургер, Мери Бошковска.

Поради неработењето на сендвичарницата инспекторите вчера не можеа да влезат во локалот во Карпош. Тие истакнаа дека без одговорно лице не можат да направат ништо.

Државниот здравствен и санитарен испекторат по допрен глас, а не по пријава од ЦЈЗ направи вонреден инспекциски надзор во болниците. Надзорот покажа дека 21 лице побарале помош во јавните и приватните болници во текот на неделава, а во текот на вчерашниот и денешниот ден нема нови потрошувачи кои се јавиле со симптоми во здравствените установи.

Центарот за јавно здравје речиси пет дена не поднесе пријава за наводи за труење. Директорот тврди дека не постапиле бидејќи не работел меилот. Кога побарале да се достават пријавните картици, во нив не била наведена сендвичарницата, иако таа информација ја имало во меилот. Тој не гледа простор за одговорност по направениот пропуст.