Македонија
14. November 2019 - 21:58

Царовска: Минималната плата ја зголемивме на 14.500 денари, ги зголемивме и пензиите

 Социјалдемократскиот сојуз на Македонија вечерва во Делчево ја продолжи серијата граѓански трибини „На прав пат“, каде се обратија министерката за труд и социјална политика и потпретседател на СДСМ Мила Царовска, членот на Централниот одбор на СДСМ Зоран Китанов и градоначалникот на Делчево Горан Трајковски.

-Овие денови се боревме за зголемување на минималната плата. Сведоци бевме како пратеници закочуваат минимална плата. Единаесет години ја држеа минималната плата под прагот, недостоинствено и неправедно. Најпрвин што направивме ја направивме минималната плата 12 илјади денари, а денес изнесува 14.500 денари. Но, растат и сите плати, во образование, во градинките, во здравството итн. Дополнително го стабилизиравме пензискиот систем и наместо популистички мерки заштедивме 3,5 милијарди денари за да го стабилизираме. Со тоа од јануари ја зголемуваме пензијата за 700 денари, а понатаму и над 800 денари, рече Царовска.

Стечајците на улица ги бараа своите права, но за само две ипол години, како што рече, опфативме 11 илјади стечајци за да остварат право на пензија.

– Оваа година ќе ја завршиме со 12 илјади стечајци. ВМРО-ДПМНЕ за нивниот мандат реши четири илјади стечајци, а ние за две години 11 илјади. Имаме 76 млади вклучени во Гаранција за млади, многу млади почнуваат свој бизнис. Ако продолжиме по овој пат нашата држава ќе си ја направиме поубаво место за живеење. Затоа ќе се борам за подобар живот на секој еден од нас, додаде Царовска во Делчево.

Китанов истакна дела целиот регион е во градежна офанзива, а најмногу се градело во Малешевијата.

-Кога ми ја доделија функцијата директор на Јавното претпријатие за државни патишта од Светска банка за малку ќе го земеа кредитот за рехабилитација на патот Кочани – Делчево. За само три месеци откако го презедовме проектот, ете го патот нов и асфалтиран. Тука беа и проблемите со одроните за нивна санација, требаше уште 7-8 милиони евра. Замислете како цела Триумфална капија. Но, и тоа се реши. Во Малешевијата се завршија многу патишта, Виница – Бигла – Делчево, Делчево – Пехчево, Делчево – Граничен премин. И сето тоа чинеше колку два проекта од „Скопје 2014“, истакна Китанов.

Ја обвини опозицијата дека шири лаги. – Оставија бандери и далноводи на сред пат. Вистината е оваа, по финансиска книга платено и завршено 53 отсто од автопатот Миладиновци – Штип, за година ипол 47 посто. Кога некој лаже за нешто без усул, не можам да сфатам. Ветувам пролетта и експресниот пат Кочани – Штип ќе биде пуштен. Вашата желба ја знам, да имате експресен пат од Граничен премин Делчево до Кочани. Го имаме предвид, има елаборат за реализација на таков проект, додаде Китанов.

На трибината делчевскиот градоначалник се осврна на реализираните проекти во изминатите две години. – Вративме огромни долгови од 60 милиони денари со помош на Владата за да можеме порелаксирано да работиме. Го реконструиравме булеварот во централното градско подрачје, изградивме пешачки мост кој ќе ги поврзува жителите од стариот и новиот дел на градот и многу други проекти кои опозицијата не успеа да ги направи, иако имаа два мандата, рече градоначалникот Трајковски.