Свет
26. January 2017 - 14:16

Британските пратеници би можеле да го блокираат Брегзит во Парламентот

Британските пратеници имаат теоретска можност да го блокираат Брегзит и излегувањето на Велика Британија од Европска унија, кога за тоа ќе се отвори дебата во Долниот дом, но малку е веројатно дека тоа може да се случи, објаснуваат правни експерти за телевизија Скај.

Според експертите, таквата разврска е речиси неверојатна, затоа што приврзениците за попречување на Брегзит, меѓу пратениците, се во малцинство, во однос на оние кои се согласуваат со напуштањето на ЕУ, но и поради политичките игри на главната опозициска лабуристичка партија.

Лидерот нњ лабуристите Џереми Корбин, иако формално беше за останување на Велика Британија во ЕУ, во текот на кампањата за референдумот, не направи речиси ништо за да ги мотивира лабуристичките гласачи да гласаат против Брегзит.

Тој одби да учествува во заедничка кампања со тогашниот премиер, конзервативцот Дејвид Камерон, објаснувајќи дека „не сака да му помага на еден ториевец да остане на власт“ што според британски експерти, се покажа погубно за сега веќе поранешен премиер, но и за лабуристите.

Голем број работници и традиционални гласачи за лабуристите во североисточна Англија и во Велс, гласаа за повикот на конзервативците за излегување од ЕУ, што сега го приморува Корбин, практично,  да ја поддржува актуелната  ториевска премиерла Тереза Меј, во политикат за Брегзит.

Корбин во интервју за пролабуристичките медиуми откри дека побарал од пратениците на оваа партија да не го попречуваат излегувањето од ЕУ, признавајќи на тој начин,  дека се плаши од пораз  на идните, најверојатно, предвремени парламентарни избори, во истите реони каде англиската работничка класа гласаше против позицијата на нивната партија, а за Брегзит.

Меѓу лабуристичките пратеници во Долниот дом има и понатаму силни противници на излегувањето од ЕУ, за кое велат дека е против интересите на државата и против интересите на самите работнци, но се верува дека тие се малцинство.

Заедно со пратениците на Шкотската национална партија (СНП) и на малубројните либералдемократи на Тим Фарон, тие не може да направат силна опозиција за да се блокира излезот на Велика Британија од ЕУ.

Правни експерти по референдумското изјаснување, од пред шест месеци, инсистираа дека Парламентот и пратениците мораат да го „потврдат референдумот“ со гласање во Долниот дом, за да тој стане правосилен. 

Според нивното толкување, референдумот значи само изјаснување на народот за едно прашање,  но тој нема законска сила, па дека затоа, излегувањето од Унијата мора да го изгласаат пратениците, за да биде озаконето.

Меј и лидерите на кампањата за Брегзит, сите од редовите на англиските пратеници, остро се спротивставија на оваа иницијатива, која сепак, остана отворена, затоа што правно гледано, кога пратениците би се здружиле, а тоа е можно зашто голем број конзервативци, исто така, беа против Брегзит, референдумот би бил соборен во Парламентот.

Силната антиевропска кампања и настојувањето на Меј, како и на лабуристичкиот лидер Корбин, да си обезбедат поддршка кај англиските гласачи, која ќе им треба за првите наредни избори, ги дисциплинираа пратениците, потенцијални „бегалци“ во двете партии, па антиБрегзит мнозинството сега не постои.

Во дебатата што ја наложи Врховниот суд, потврдувајќи ја претходната пресуда на Вишиот суд  од Лондон, за тоа дека процесот за Брегзит мора да биде одобрен и определен во Парламентот, ќе се расправа за британската позиција во преговорите со Брисел, а не за тоа дали да се остане или да се замине од ЕУ.

Пратенците на СНП се очекува да гласаат против Брегзит, затоа што во Единбург се инсистира на задржување на врските на Шкотска со ЕУ и без Велика Британија или се заканува со нов референдум за отцепување. 

Републиканската, католичка Шин Фејн и лидерот Џери Адамс сега зборуваат за потребата од „специјален статус“ за Северна Ирска, каде мнозинството гласачи беа против Брегзит.

Британските либералдемократи, пак, бараат организирање референдум за договорот што ќе се постигне за Брегзит со ЕУ, но во Лондон се проценува дека  шансиите за тоа се речиси никакви.